X
 23.09.2020 Култура

Театрите бараат попрецизни правила за работата на актерите

Кај киносалите повторното започнување со работа ќе оди поедноставно зашто веќе се знае јасно кои правила на игра треба да се почитуваат при влез и излез од салата. „Синеплекс“ од утре ќе почне со кинопрограма, а и киното „Милениум“ еден филм од програмата на „Синедејс“ ќе го префрли на затворено, како пробна проекција.

Владата донесе одлука театрите, киносалите, центрите за култура, операта и балетот да ги отворат вратите за публиката, по претходно дефиниран протокол. Прифатено е мислењето на Комисијата за заразни болести согласно кое за овие дејности ќе важи веќе донесениот протокол за организирање настани. На прес-конференцијата што во Министерството за култура денеска ја одржа министерката беше истакнато дека самите институции треба да изготват свои протоколи и по нив да почнат да работат.

- Националните установи од областа на културата имаат обврска да изготват индивидуални протоколи бидејќи секоја институција има свои специфики, па тие треба да бидат усогласени со општиот протокол кој е усвоен од Владата. Според општите правила за реализација на настани, треба да се искористат само 30% од капацитетите, да нема паузи за излегување во фоаје, претставите треба да траат од час до час и половина, претставите да бидат со мал број актери кои треба да држат дистанца, да се врши редовна дезинфекција пред и по претставата, актерите сами да ја следат својата здравствена состојба и да има одредено лице што ќе ја следи состојбата на актерите за време на претставата, да се менуваат филтрите на климатизерите на секои 6 месеци и др. Во согласност со основните протоколи, треба да се држи дистанца, носење маски и миење раце, а да се размислува и за онлајн- продажба на билети - велат од Министерството.

Сцена од „Чудесна терапија“ (фото: Драмски театар)

Менаџери на театри, пак, реагираат дека очекуваат поконкретна насока од ресорното министерство, најмногу во работата со актерите. Според протоколот за организирање јавни настани, беше посочено дека смеат да имаат најмногу 50 отсто публика, но во некои гледалишта нема да биде изводливо ниту 30 отсто публика да биде примена.

Таков е примерот и со Драмскиот театар од Скопје. Директорката Катерина Коцевска вели дека за да се запази растојанието од 1,5 метар, театарот може да прими 51 лице во големата сала, а 20 во малата.

- Ние имаме 300 столчиња, меѓутоа, нема да можеме да сместиме 90 гледачи поради дистанцата. Најискрено, се надевам дека ќе добиеме попрецизни насоки за да бидеме поспокојни во работата. Ние се спремаме за безбедноста, дезинфекција, но делот кој е најделикатен - работата на актерите не треба да биде оставен на индивидуални решенија. Утре имаме управен одбор и уметнички совет и ќе разговараме што би работеле до крајот на годината, оти првичниот план нема да можеме да го реализираме. Ни беше нагласено да имаме помали форми на претстави без блиски контакти - вели Коцевска. 

Драмски театар летово се реновира, Мила Царовска и Катерина Коцевска (извор: Архива)

На прес-конференцијата беше истакнато дека ќе се формира вид инспекција која ќе ги контролира клима-уредите. Тие мора редовно да се чистат, да се менуваат филтрите.

Кај киносалите повторното започнување со работа ќе оди поедноставно зашто веќе се знае јасно кои правила на игра треба да се почитуваат при влез и излез од салата. „Синеплекс“ од утре ќе почне со кинопрограма, а и киното „Милениум“ еден филм од програмата на „Синедејс“ ќе го префрли на затворено, како пробна проекција.

- Имаме искуство во правење настани на отворено, што беше и потешко, а овде во ограничен простор ќе биде поедноставно. Ќе ја одбележиме дистанцата и одиме со онлајн-продажба на картите. Во „Милениум“ ќе може да примиме 130 гледачи од капацитет за 510. Деновиве сме во преговори и со дистрибутерите и наскоро ќе почнеме и со редовен репертоар - вели Филип Николовски, одговорен за кинодејноста во МКЦ.

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Култура