24.03.2020
Економија
Се замрзнува цената на медицинските маски и ракавици, туристичките агенции ќе добијат ваучери за откажаните аранжмани
Се замрзнува цената на медицинските маски и ракавици, се укинува царината на 13 медицински производи, се забранува стечај, а туристичките агенции ќе добијат ваучери за откажаните аранжмани, соопшти денеска на прес-конференција министерот за економија Крешник Бектеши.
Како што информира министерот Бектеши на Седницата на Владата на предлог на Министерството за економија беше донесена одлука за замрзнување на цените на потрошен медицински материјал, медицинска опрема и материјали, потоа беше донесена одлука за укинување на царината на 13 медицински производи. Министерот информира дека по барање на месната индустрија е донесена одлука да се продолжи квотата за увоз на замрзнато месо.
Донесена е исто така одлука за забрана за отворање стечај на фирма, а како што информира Бектеши денеска до Владата е предложена уредба со која на туристичките агенции ќе им се даваат ваучери за откажаните аранжмани.
- Владата донесе одлука за укинување на царинската стапка на 13 медицински производи кои се увезуваат во делот на потрошен медицински материјал. Со оваа одлука 100 проценти се укинува царината за: етилалкохол со 80% содржина на алкохол и повеќе, етилалкохол и други алкохоли, денатурирани, сапуни за тоалетна употреба, производи и препарати за миење на кожа, во форма на течност или крем и приготвени за продажба на мало со или без содржина на сапун, детергенти, препарати за перење и препарати за чистење, пластична облека и прибор за облека, текстилни драперии кој се употребуваат при хируршки процедури, маски пластични со текстилен филтер, очила со стакла од пластични маси - рече Бектеши.
Владата на вчерашната седница ја дополни оваа одлука со што се замрзнуваат и цените на потрошен медицински материјал и медицинска опрема и материјали, на цената што била утврдена на 11 март 2020 година кога Светската здравствена организација (СЗО) прогласи пандемија на коронавирусот, Ковид-19.
- Целта на ова дополнување е да се вратат цените на маските, ракавиците и друг медицински материјал и опрема кои во изминативе неколку дена пораснаа за неколку пати поради зголемената побарувачка кај граѓаните како средства за основна заштита од коронавирусот. Овие цени како и претходната одлука ќе се применуваат до 30 април 2020 година - изјави министерот.
Се предвидува и издавање ваучери на туристичките агенции во вредност на сумата уплатена за аранжманот кој бил откажан како резултат на избувнување на кризата со коронавирусот.
- Со оваа мерка на туристичките агенции што работат outgoing (појдовен) туризам ќе им се овозможи да издаваат ваучери во износ на уплатената сума што може да се искористат за кое било следно патување заклучно со 31.12.2021 година. На тој начин клиентите кои поради настанатата ситуација ги откажале своите аранжмани нема да ги изгубат уплатените средства на износот што го уплатиле, а во исто време туристичките агенции би можеле да го издржат финансискиот товар кој би се распределил на подолг временски период - рече Бектеши.
Здружението за заштита на авторски и музички права ЗАМП донело одлука да ги ослободи од плаќање надоместок за музика рестораните, хотелите, кафулињата и другите корисници на музика со оглед на тоа што не работат во моментов.