X
 24.06.2021 Наша тема

Учениците од текстилната струка во Битола добиваат награди и во Франција, на пат се да станат успешни модени креатори

Завршната изложба на скици и модни изработки од учениците во СОУ „Таки Даскало“ во Битола покажаа дека оваа струка не значи само знaење за шиење на машина,туку вештини и компетенции за дизајнирање на модели

Битола од секогаш важела за град на луѓе со моден вкус, а тоа денес го оправдува и текстилната струка во Средното општинско училиште „Таки Даскало“. Од скици и готови модели на екстравагантни тоалети, облека за урбан изглед, везови, модни додатоци, пижами до купачи костими понуди оригиналната изложба поставена деновиве во Битола од дела што ги изработија учениците во текот на пандемиската година. Иако, наставата се одвиваше онлајн, часовите по изработка на облека се одржуваа во текстилната работилница со физичко присуство. На учениците очигледно не им недостигаше креативност, инспирација, префинетост... Беше претставено како може од идеја да се направи готов моден производ.





Цртежите им се наградувани и во Франција

-Оваа насока нуди занает кој никогаш нема да остари. Ми се нудат можности за ревии и изложби кои се прават со сопствени изработки. Јас учествував на меѓународен натпревар, ликовен конкурс организиран во Франција на тема ретки болести и го освоив третото место од вкупно 207 цртежи од 23 држави. Моја препорака е тие што сакаат да се занимаваат со мода, креација, дизајн, да се запишат на оваа насока што ги нуди токму тие можности и професорите кои се пријателски настроени и го дават својот максимум за да го оствариме нашиот сон - вели Тодора Велковска, ученичка од трета година.





На завршната изложба со која беше крунисан крајот на учебната година беа претставени производи на учениците од сите години од текстилната струка. Насоката датира од педесетите години на минатиот век, но официјална документација во училиштето постои од верификацијата во 1979 година во тогашното училиште за занимања „Кочо Рацин“. Во 1984 год. училиштето се здружи со гимназијата „Браќа Миладиновци“ и се формира Центарот за стручно насочено образование „Таки Даскало“, денешно училиште.





-Денес постои комбинирана паралелка техничар за дизајн на облека/ техничар за изработка на облека. Последните години текстилната насока е издигната на едно повисоко ниво што не значи само единствено шиење на машина, туку учениците се здобиваат со вештини и компетенции за дизајнирање на модели, конструкциска подготовка и изработка на истите. Ние како наставници вложивме огромен напор да добиеме позитивна повратна информација од учениците, да образуваме ученици кои ќе бидат спремни за предизвикот што ќе следи во постучилишниот период - вели Анита Стефановска, наставник во „Таки Даскалот“.





Струката со 7-децениска традиција

Во образованите програми се опфатени најразлични техники на везење, плетење, ткаење, боење на текстилни материјали. Имаат и соработка со Завод музеј- Битола каде ги совладуваат техниките на везење мотиви од македонската традиционална народна носија.

Минатата година кога беа затворени дома со пандемијата, тие продолжија со везење и во домашни услови и тоа им дојде како издувен вентил од се она што се случуваше. Учениците во текот на школувањето се стекнуваат со вештини и компетенции на дизајнирање на модели, изработка и конструкција на шаблони,вештини за кроење и шиење, доработка и декорирање на модели од идеја до готов производ.

-Проодноста од овој смер е голема на факултетите. Нашите ученици што полагаат државна матура имаат избор на голем број факултети, не само на факултетите за дизајн и мода. Но, доколку учениците своето школување го заокружуваат со средното образование обучени се за свој сопствен бизнис во областа на дизајнирањето или конфекцијата. Имам примери за мои ученици денес многу успешни во текстилниот бизнис - додава Стефановска.





Ем креативни, ем хумани

Креативноста на учениците е надополнета и со хуманост, па дел од модните изработки ги донираат. Пред Нова година изработија еко торби со везени мотиви од традиционална македонска народна носија и ги подарија на дами, како и новогодишни украси за општествени организации. Во февруари креираа заштитни маски со печатено лого на ретки болести. Во март изложба за Денот на жената со изработки, модни додатоци, ланци, брошеви, чантички, футроли за мобилни телефони. Потоа изработиија перничиња за новороденчиња во болница во Битола.



Пандемиската година и неславењето на полуматурски и матурски забави ги спречи во остварувањето на идејата да дизјанираат облека за некоја полуматуранка или матуранка и да ја донираат. Се надеваат следната учебна година тоа да го остварат. Изминатите години имаше примери кога ученици од оваа насока сами си ги имаа изработено матурските тоалети и изгледаа уникатно.
Подготвил: Жанета Здравкоска

Издвојуваме

Наша тема