X
 24.09.2021 Живот

Почнува манифестацијата „Анте Поповски - Антево перо“

Со беседа за великанот Анте Поповски, отворање изложба, промоција на книга, врачување награди и поетско читање, денеска во 19:30 часот, во Музејот на македонската борба за самостојност, ќе започне четвртото издание на меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“.

Манифестацијата ќе почне со изложбата на предмети, документи и фотографии на академик Анте Поповски, кои претставуваат музејски фонд и сега, по повод 90-годишнината од неговото раѓање, првпат ќе бидат презентирани пред јавноста.

Во Музејот ќе се одржи и централната свеченост на која ќе бидат врачени почесното признание „Антева златна книга“ и наградите од конкурсот за поетски ракопис „Антево перо“ за 2021 година. Годинешен добитник на почесното признание е академик Влада Урошевиќ, а на наградата „Антево перо“ - поетот Братислав Ташковски. Книгата „Небесни разговори“, за која ја доби наградата, првпат ќе биде промовирана во рамките на свеченоста. Ќе бидат врачени и наградите „Антев златник“ – на Елизабета Баковска и Димитар Аранаудов и „Антев часовник“, награда за млад автор – на Марија Филипова.

За остварувањата на добитниците на наградите ќе говори проф. д-р Венко Андоновски, кој годинава беше и претседател на жирито на конкурсот, а во сабота манифестацијата ќе продолжи во Лазарополе, родното место на Анте Поповски. Таму, во природа ќе се одржи научниот симпозиум „Антево дело“, кој од годинава има меѓународен карактер и од кој ќе произлезе и зборник на научни трудови. Предвидена е и вечер со творештвото на академик Анте Поповски, именувана според неговата прва книга – „Одблесоци“.
Годинава манифестацијата „Анте Поповски – Антево дело“ има најбогата програма, при што се настојува преку неа да се оствари влог во трајните вредности на македонската култура, да се промовира македонската книжевна продукција и да се поттикнува македонската книжевна наука.

Издвојуваме

Живот