X
 27.01.2022 Наша тема

Принципот „градот го создаваме сите“ е важен при носењето на урбанистичките планови, вели бугарскиот архитект и урбанист Љубо Георгиев

Процесот на создавање на визијата за градот е процес кој може да се приспособи и да се примени во секој град. Овој принцип е применет во Бостон, Копенхаген, Сао Пауло и на многу други места во светот

Процесот на изработката на новиот Генерален урбанистички план за Скопје, како и за секој друг град, треба да биде отворен, во него да учествуваат сите засегнати страни, што значи и граѓаните, а не тоа да биде оставено само на стручните лица. Архитектите и планерите треба да разберат што е тоа што ги загрижува луѓето, што е тоа што ги вознемирува и на крајот - во каков град сакаат да живеат и од тоа да го најдат најдоброто заедничко решение што ќе овозможи развој.

Бугарскиот архитект и урбанист Љубо Георгиев, кој работел на изработка на „Визијата за Софија“, стратешкиот документ за одржлив и паметен развој на градот, неодамна го порача ова на дводневната работилница „Нов ГУП за зелено и хумано Скопје“, која се одржа на иницијатива на невладината организација „Зелен хуман град“. Тој за Факултети.мк објасни како се одвивал процесот на создавање документ кој е основа за изработка на нов Генерален урбанистички план за главниот град на Бугарија. Вели дека принципот на создавање ваков стратешки документ, кој всушност треба да каже во каков град сакаат луѓето да живеат, може да се примени во кој било град во светот, и дека при создавање на документот за Софија тие користеле искуства од другите светски градови.

Георгиев е архитект и урбанист, студирал во Италија и во Холандија, а има работно искуство од околу шеснаесет години во разни места во светот, меѓу кои Венеција, Ротердам, Амстердам, Пекинг, Софија и Пловдив. Последните пет години работи за градската управа на Софија и го води тимот што ја изработи „Визијата за Софија“. Во тој процес станува директор на софиската агенција за планирање „Софија план“.

- Во тие пет години се обидовме да воведеме иновации, да ги смениме процесите, да го направиме планирањето поразбирливо за сите страни. Притоа се обидовме да искористиме многу податоци во работата. Тоа е едно од најважните нешта во планирањето, а тоа е да работиш со податоци, а не со мислења. Тоа не е социолошки процес на социолошко истражување во кое некој ќе каже „јас сакам тоа“ или „ти сакаш друго нешто“, туку треба да има објективни факти, да има добри истражувања на тенденциите, каква е динамиката во градот во сите сфери, за да може да се планира реално и адекватно - вели Георгиев.

Тој раскажува дека пред шест години состојбата во Софија била многу слична со сегашната во Скопје, бидејќи градската администрација планирала да направи нов урбанистички план. Георгиев организирал неформална група на активисти кои тогаш дискутирале како може целото планирање да се преосмисли за да стане современо, поатрактивно и поразбирливо.

Објаснува дека создавањето на визијата за градот не е само планирање, туку повеќе е општествено-политички процес, за тоа како сакаат да се развива градот и што сакаат тој да биде.

- Создавањето на визијата за градот е процес кој може да се приспособи и да се примени во секој град. Не сме првите што го направивме тоа. Овој принцип е применет во Бостон, Копенхаген, Сао Пауло и на многу други места во светот. Една од првите работи беше да видиме што е направено во другите градови. Имавме конференција со гости од Бостон, Тел Авив и од Барселона и слушавме за нивното искуство, што беше многу важно за нас - вели Георгиев.



Решенијата треба да ги решаваат проблемите, а не да исполнуваат нечии желби

Тој раскажува дека и во Софија, како и во Скопје, Генералниот урбанистички план е тој што треба да ги дава насоките како треба да се развива градот, а планирањето понатаму е прецизирано со деталните урбанистички планови. Процесот на нивно носење, според Георгиев, е поразличен отколку овде во Македонија, затоа што се различни законските правила и норми, но логиката за нивна изработка е иста. Според него, планерите и урбанистите не можат да изработат план за некој град ако немаат знаења за проблемите во тој град, од што се тие создадени, со какви ресурси располага, каква е состојбата во животната средина.
-
Тие податоци се важни за да може да се направи план со кој ќе се решат проблемите при живеењето во тој град. Тоа е елементарна логика. Но, со времето таа е заборавена и многу често се прави некој план без тие нешта да се знаат, често се смета на авторитет на некое име, на некој професор кој цел живот го работел тоа и тој знае најдобро. Но сите сме луѓе и сите грешиме и треба да се обидеме да бидеме пообјективни. Тоа е принцип кој може да се примени во секој град - вели Георгиев.

Тој објаснува дека втор важен принцип е и принципот „градот го создаваме сите“.
- Принципот „градот го создаваме сите“ е многу важен бидејќи сите што живееме во еден град сме засегнати страни, може да се каже дека на некој начин сите сме инвеститори. Со тоа што секој човек плаќа даноци, на некој начин е инвеститор во инфраструктура, во детски градинки, паркови, училишта и така натаму. Кога ќе собереш луѓе на едно место и ќе видиш дека има проблеми во живеењето, се обидуваш да ги решиш тие проблеми. Тоа беше она на што одвоивме многу време, за да ги седнеме на една маса невладини организации, администрација, политичари, инвеститори, истражувачи и други - вели Георгиев.

Тој објаснува дека на овие дискусии важно е да се разговара по теми и врз основа на податоци, а не врз основа на мислења.

- На пример, за сообраќајот собравме податоци така што ги викнавме невладините организации на кои тоа им е важно, администрацијата која е одговорна за тоа, компаниите за јавен превоз. Тоа е принцип - дијалогот може секаде да се примени - вели Георгиев.

Според него, и овде како и во Софија кај луѓето владее апатија и не веруваат дека со некој нов план може нешто да се смени на подобро.

- Многу луѓе што сигурно се многу добри професионалци ја изгубиле вербата дека има шанси за промени, па многу лесно се стигнува до сарказам, нихилизам. Забораваат луѓето да мечтаат и да бидат оптимисти. Тоа беше најтешкото кај нас. Мислам дека и тука ќе биде најтешкото. Тоа, да поверуваш дека можеш е важно, а повеќето од луѓето велеа дека тоа никогаш нема да се смени, кај нас е така и ќе ни останат проблемите. Дали нештата ќе се сменат или не, зависи од нас - вели Георгиев.

Според него, во процесот на изработка на новиот Генерален урбанистички план треба да учествуваат сите засегнати страни, што значи и граѓаните. Тој смета дека не треба да се прави Генерален урбанистички план во кој ќе учествуваат само експерти и стручни лица.

- Тоа е многу важен документ, ние го викаме договор за просторот. Во тој процес уште на почетокот мора да бидат внесени сите страни, при дефинирање на проблемите и како сакаме да ги решиме. Тоа не значи планерот или урбанистот да направи сѐ што сакаат или бараат граѓаните, туку треба да разбере какви им се грижите, што ги вознемирува и што сакаат или не сакаат, но не и да им ги исполни желбите, туку да се направи адекватен план - вели Георгиев.

Тој додава дека носењето на нов ГУП треба да биде отворен процес во кој на луѓето ќе им се објасни зошто се земаат определени решенија во планот.

- На луѓето треба да им се објасни зошто се прави решение за точно таква улична мрежа, зошто такви мостови и булевари, зошто се зема точно такво решение за зеленило, да им се преведат стручните решенија на разбирлив јазик, ако повеќе луѓе го разберат како план кој е споделен, тој ќе биде поуспешен - вели Георгиев.

Слично како и во Скопје, Георгиев вели дека и во Бугарија има силен притисок од инвеститорите да се гради и има големи простори во последните петнаесет години на кои се изградени нови станбени згради, но дека во нив има многу малку од потребната инфраструктура за урбано живеење.

- Во тие делови има многу малку инфраструктура, на пример, нема детски градинки, нема зеленило, има делови од улици, а нема јавен транспорт. Тоа не се дивоградби, но не е изградена инфраструктурата што е потребна таму. Со нашите истражувања покажавме дека голем дел од становите во Софија, околу 20 до 25 проценти, се празни. Се гради за инвестиција, а не за живеење и од потребата на градот да се прават станови за живеење. Овде приватната иницијатива е ставена на пиедестал - ти имаш имот, планот вели дека можеш да градиш, но никаде не се кажува дека треба да има инфраструктура, па потоа да градиш. Општината во планот предвидела дека ќе има голема улица, паркче и детска градинка, но кога, не се знае. Во меѓувреме како сопственик на имот имаш право да ја искористиш можноста да градиш - вели Георгиев.



Тој објаснува дека софискиот Генерален урбанистички план е мегаамбициозен и дозволува градење на многу нови станбени згради.

- Во планот за нови згради се овозможува уште милион луѓе да дојдат и да живеат во Софија, што е апсурдно. Прво, кои се тие луѓе, нема толку луѓе што би дошле да живеат. А и да има, Градот нема буџет да ја направи потребната инфраструктура за толку многу жители. И сега нема доволно инфраструктура, нема доволно детски градинки, имаме проблеми со стара канализација и ред други проблеми, а да не зборуваме да дојдат уште милион жители. Тоа не е мислено кога е правен ГУП за Софија пред пет-шеснаесет години - вели Георгиев и додава дека и покрај напорите на неговиот тим, не успеале да го сменат Генералниот урбанистички план на Софија согласно „Визијата за Софија“, со која обезбедиле многу податоци и многу видливост на проблемите на градот.

Активистите од „Зелен хуман град“ најавија дека ќе почнат со изработка на „пасош“ за Скопје, со кој на едноставен начин ќе прикажат кои делови од Скопје се квалитетно урбанизирани, а кои не се и дека во процесот на собирање на податоците ќе ги вклучат и граѓаните.

Фото: Кристијан Караџовски од Културно ехо
Подготвил: Елица Бочвароска

Издвојуваме

Наша тема