X
 27.04.2022 Наша тема

Тетово е единствен град без градски парк и сакаме да го промениме тоа, вели Марко Видачек

Зарем има град на кој не му треба градски парк? Особено што се работи за град кој е гравитациски центар на северниот дел од Полошката Котлина; притоа е преизграден, му недостигаат јавни простори и отворени површини. Но и бројката на жители да е многу помала од сегашната - секој заслужува здрава животна средина, вели Видачек

Зошто на Тетово му треба градски парк? Затоа што Тетово има 0,2 m² парковска површина по жител, а Светската здравствена организација (СЗО) препорачува 9 m² градско зеленило по жител. Ова е само еден од статусите на иницијативата „Тетово сака парк“, која се бори градот под Шар Планина конечно да добие зелен појас.
Идејата спонтано произлезе од шестмина млади луѓе и по низа разговори и „разглобувања“ дојде конкретната идеја во форма на граѓански предлог кој го поднесовме до Општина Тетово, а зад кој првично застанаа околу 60 истакнати граѓани. За многу краток период, преку онлајн потпишувањето, идејата за градски парк во Тетово доби поддршка од над 3.000 потписници, вели Марко Видачек, еден од иницијаторите на „Тетово сака парк“.

- Често слушавме дека Тетово нема зелени површини, не постои градски зелен појас, односно нема парк, но веројатно немаше кој да преземе чекор. Оваа иницијатива го направи тоа. Секојдневно сме сведоци за недоволното присуство на јавни добра, зелени површини, отворени простори, па ваквата иницијатива за нас доаѓа мошне природно. Во време на различни поделби, ваквата идеја за парк доби речиси недвомислена поддршка во јавноста, каде што не е важна националноста, религиската или партиската припадност.

Тетово има два универзитети, а нема ниту еден градски парк. Ова е поразително. Бараме нешто што во 21 век требаше одамна да биде надминато и со една реченица - ова е борба за парк - категоричен е Марко Видачек.


Марко Видачек

Зошто е изоставен овој битен сегмент од структурата на градот?

- Тука има еден парадокс. Градот во кој првпат се шутна фудбалската топка, се формира ФК „Љуботен“, градот под Шара кој во 1926 година ја доби првата хидроцентрала во Македонија, денеска нема зелена површина која е поголема од еден хектар. Законот, под парк дефинира површина која е поголема од еден хектар, а Тетово го нема тоа.
За волја на вистината, овој „сегмент“ како што велите не е изоставен од структурата на градот, туку поради низа околности, не успеало зоната наменета за парк во старите генерални планови да биде целосно реализирана - говорам за некогашниот Спортски центар и неговата поширока околина. За жал, оваа површина не само што не заживеала, туку во таа смисла денес е на полошо ниво од тоа што некогаш беше. Ние на некој начин повторно ја враќаме „во игра“ оваа историски предодредена локација за парк, која физички ја прошируваме со нови површини бидејќи цениме дека денес е неопходно ова зголемување на таа историска локација. Ваквото физичко зголемување го правиме не само поради зголемениот број на жители од времето кога првпат се доделила таква намена во генералните регулации (пред 4-5 децении), туку и поради далеку полошата состојба во која е градот од аспект на број на дрвореди, зелени површини, бетонирани тревници. Секако, просторниот и урбанистичкиот потенцијал играат улога за ова проширување, но и доминантната државна сопственост на земјиштето.
Тетово може да биде единствен град по многу нешта на кои сме горди, но единствен е и кога е во прашање немањето градски парк. Верувам дека ќе го промениме тоа.



Зошто на Тетово му треба градски парк?

- Зарем има град на кој не треба градски парк? Ако говориме за „град“ во вистинска смисла на зборот, тој како феномен треба да поседува низа јавни добра кои прават разлика од живеење во деградирана населена територија. Градовите мора да поседуваат јавни добра, а едно од нив е градскиот парк. Особено што се работи за град кој е гравитациски центар на северниот дел од Полошката Котлина; притоа е преизграден, му недостигаат јавни простори и отворени површини. Но и бројката на жители да е многу помала од сегашната - секој заслужува здрава животна средина.

Кои се Вашите решенија за изградба на зелен појас? Каде има услови да се реализира оваа зелена идеја?

- Конкретниот предлог за прв вистински градски парк, што ќе претставува своевиден зелен појас, се однесува на делови од четири урбанистички блока, како последна локација каде што може да се изгради парк. Два од четирите блока веќе имаат намена „Д“ која се однесува на парк, додека пак преостанатите два блока го немаат тоа - а ние како иницијатива го бараме токму ова, но имајќи ги предвид и сите сопственички и облигациони прашања. Самата постапка во која и овие делови ќе добијат намена „Д“ е бесплатна, што е одлична илустрација за тоа дали се потребни пари или волја. Секако, ние предложивме фазно решавање на проблемот, па и во однос на финансискиот дел веќе ги изложивме и алтернативните начини за финансирање.
На првата јавна трибина каде што, меѓу другото, одговаравме и за различни „митови“ и вистини за конкретната идеја за парк, се постави и прашањето за алтернатива, за алтернативен простор, што секако е легитимно. Како иницијатива цврсто стоиме на ставот дека градот не поседува друг простор со ваков урбанистички, просторен и локациски потенцијал. За волја на вистината, не поседува апсолутно никаков слободен неизграден простор од ваков обем, а камоли со ваков извонреден потенцијал за парк. Ова е последна шанса да се направи парк.



На каква повратна реакција наидовте од надлежните? Кој е ставот на граѓаните?

- Нашата иницијатива ја покренавме преку предлог кој според Законот за локална самоуправа може да го поднесе секој граѓанин, а Општината е должна да одговори на него. Го поднесовме со 60 потписи на истакнати граѓани, универзитетски професори, архитекти, адвокати, спортисти... Иако помина повеќе од половина од рокот, Општината уште не даде официјален одговор. Меѓутоа, самото присуство на повеќе од половина членови на советот на Општина Тетово на нашата консултативна средба е значаен чекор за самата идеја. Секако, позитивно е тоа што оваа тема не е спорна за никого, ниту за градоначалникот ниту за советниците, иако главните разлики се во однос на спроведувањето на идејата за паркот. Самата бројка од над 3.000 граѓани, поддршката од сите планинарски клубови, од лекарите и здравствените работници, од спортистите – јасно говори за ставот на граѓаните. А ова е сериозна бројка.

Колку сте блиску до реализирањето на Вашата идеја?

- Денес сме поблиску отколку од денот кога ја започнавме иницијативата. Ние успеавме и во ситуација кога на јавноста непрестајно ѝ се нуди сензационализам - да зборуваме за нормални теми за сите, за парк, за повеќе зеленило. Секоја идеја, од кого и да е, е добредојдена.
Досегашните искуства на други иницијативи низ државата, како и општата недоверба во институциите, не ни оставаат премногу простор за оптимизам, но сепак веруваме дека Тетово ќе биде еден од ретките примери во кој надлежните јасно ќе застанат на иста линија со граѓаните, стручната фела и самата иницијатива, заштитувајќи го на тој начин јавниот интерес.
Не може да бидеме наивни, па да веруваме дека за ден-два ќе решиме прашање кое со децении е ставано настрана. Затоа и предложивме фазно решавање на проблемот, сигурно дека ова е „маратонска“ работа, а не спринт.
Знаеме дека очекувањата и интересот се големи, за што ни сведочат и секојдневните прашања „до каде сме со паркот“, па поради тоа не сакаме само да се „истрчаме“ и тука да ја завршиме оваа приказна. Најчестиот совет што ги слушаме е - не откажувајте се.



Потребно е Советот да го стави ова прашање на дневен ред. А тоа е минимум што членовите на Советот можат да направат. Можеби е и тука разидувањето меѓу нас како граѓани и надлежните. Нам ни е важно како ќе биде и за 10, 20, 30 години, а не само за еден мандат или два.

Парковите се споменици на развиеноста на заедницата. Поразителен е фактот што еден од најгусто населените градови нема парк. Какви сѐ бенефити ќе донесе Вашата идеја?

- Реализацијата на нашата идеја најпрво ќе обезбеди простор што сега го немаме. А придобивките се повеќе од евидентни: здравствени придобивки и негување здрави навики, можности за поголемо дружење и поврзување, нов простор за спортување... Како иницијатива често повторуваме дека ако Шар Планина де факто е западна зелена капија на градот, градскиот парк на оваа локација би претставувал источна капија, паралелна со Шара. Притоа ваквиот појас би формирал препознатлив урбанистички гест со главниот булевар и други улици кои практично се „слеваат“ во овој појас, лежејќи под прав агол на него. Во поапстрактна смисла, парковите претставуваат јавни добра кои на градовите им даваат значајна социјална димензија. Таквата социјална димензија секако дека му недостига на Тетово.

Фото: приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Наша тема