X
 27.05.2020 Живот

Кафетериите и рестораните ќе работат до 22 часот, на една маса ќе може да седат двајца...Владата ги објави протоколите за работа

Кафетериите и рестораните кои утре ќе се отворат, ќе работат според новите протоколи кои денеска ги усвои Владата.
Во оваа фаза се забранува организирање на прослави како свадби, родендени, крштевки...

Засега ќе работат и само објектите со тераси. Угостителските објекти за исхрана ќе работат од 08:00 часот до 22:00 часот, и се дозволува работа само на отворените делови од угостителските објекти за исхрана со послужување, кои се од три страни отворени со кровна конструкција.

Вработените во угостителскиот објект кои послужуваат задолжително носат заштитни маски и зачестено одржуваат хигиена на раце, а се ограничува и бројот на гости, односно ќе се послужуваат само гости кои може да седат или лица кои преку шалтер ќе подигнуваат нарачки. Не е дозволено послужување на гости на стоење на шанк и стоечки маси.
Протоколот наведува дека е задолжително менаџирање на влегувањето на гостите за кое е потребно да се определи одговорно лице.
На отворениот простор за послужување на гости каде има поставено маси, треба да се обезбеди растојание од столче до столче од 1,5-2 метри со соседните маси во сите правци, а на една маса со четири столици може да седат и да се послужуваат максимум две лица. На една маса со четири столици може да се послужуваат четири лица доколку се од исто семејство.

Протоколот дозволува максимален број од 12 лица на споени маси заедно со задолжително растојание помеѓу секој гостин од 1.5 метри.

Задолжително е поставување на дезинфекционо средство за раце на секоја маса, како и засилени внатрешни контроли на вработените лица за одржување на личната хигиена (често миење раце) во сите фази на подготовка, прием и послужување на храна од страна на одговорно лице.
- Се наложуваат засилени санитарно-хигиенски мерки, пребришување на масите со средство за дезинфекција кое делува на вируси според упатство од производителот при заминување на гостите од секоја маса, а на крајот на смената задолжително механичко чистење и дезинфекција со средство кое делува на вируси – објавија од Владата.
Во тоалетите е забрането користење на сушачи за раце, а задолжително е користењето на хартиени бришачи за раце за еднократна употреба.

Издвојуваме

Живот