X
 28.04.2020 Наша тема

Како врвот Пелистер се најде на инстаграм-профилот на „Рокфелер центар“

Фотографија на битолчанецот Никола Димитровски снимена од неговиот дом влезе во најтесна селекција на три фотографии од цел свет на предизвикот што на „Инстаграм“ го реализира светскиот културен центар „Рокфелер“

Аматерска фотографија со поглед кон Пелистер го инспирира американскиот илустратор Сем Калда да нацрта дело и да се најде на инстаграм-профилот на Светскиот културен центар „Рокфелер“. Фотографијата на битолчанецот Никола Димитровски снимена од неговиот прозорец дома била една од трите од цел свет одбрани од еден од најпознатите американски илустратори.

Повикот што го направи „Рокфелер“ се нарекува Арт-парти и идејата била секој да прати фотографија од својот прозорец дома. Концептот бил по пристигнувањето на фотографиите, илустраторот Калда да избере неколку и да ги црта во живо, а следбениците на инстаграм-профилот на центарот „Рокфелер“ низ светот тоа можеа да го следат преку опцијата „во живо“.

- Идејата како да се спои уметноста со она што нашите очи секојдневно го гледаат во часовите поминати дома во карантин ми изгледаше одлична. Решив да пратам фотографија. Во мојот стан имам големи прозорци кои, поради висината, даваат прекрасни птичји перспективи на градот Битола, но јас одлучив најмалиот прозорец од кујната да го фотографирам и да го пратам. Од него се гледаат покривите на куќите на моите соседи и двата највисоки врва на Пелистер. Тоа е реално мојот омилен прозорец - вели Димитровски.

Оригиналната фотографија на Димитровски

По неколку дена добил одговор од „Рокфелер центарот“ дека неговата фотографија е една од трите избрани од уметникот за илустрација, а пристигнале илјадници.



Никола Димитровски


- Убав е мигот кога окото на уметникот го избира она што ние како обични набљудувачи сметаме дека ни значи. Бев навистина среќен. Добив фајл од неговиот потпишан цртеж, го урамив и веќе стои на ѕидот до прозорецот чиј поглед го отсликува, како спомен од времето поминато дома и како тоа може да биде креативно - вели Димитровски.

Сем Калда е дипломец на „Јејл“ и важи за еден од најангажираните млади илустратори во САД, а неговите цртежи редовно се објавуваат како илустрации во престижните Њујорк тајмс, Њујоркер, Вол стрит џурнал, Вашингтон пост, Гардијан, Бостон глоуб. Познат е како ислустратор на корици за најпознатите издавачки куќи: Пингвин, Оксфорд јуниверзити прес, Базфид, Сохо хаус, Барнс анд нобл.

Уметничкото дело на Калда урамено на ѕидот  

Тој е добитник на значајни награди, меѓу кои и златниот медал на Здружението на американски илустратори, а неговото име е на листата „Top 100 New Creatives“ на новиот век.

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема