X
 28.11.2022 Живот

Студентите на Факултетот за бизнис и економија сѐ уште немаат настава: „Уморни сме и разочарани, не можеме ниту да се префрлиме на друг факултет“

Сагата на студентите на приватниот Факултет за бизнис и економија продолжува. Немаат настава зашто нема наставен кадар, им ветувале ноемвриска сесија, им кажувале различни датуми за почеток на наставата, но ништо од тоа. Се обратиле до сите институции, но никој нема слух за нивниот проблем.

Студентите за Факултети.мк раскажуваат дека се во постојано исчекување да почне наставата и дека цело време добиваат различни информации од раководството.

- Првин добивме информација дека треба да почнеме првата недела од октомври, потоа за две недели од тој датум, па на 1 ноември. Дури ни ветија дека ќе имаме ноемвриска сесија. А еве веќе е крај на месецот и ние сѐ уште немаме настава – вели студент на ФБЕ.

Разочарани и уморни, студентите не знаат како да продолжат понатаму, освен со тужби. Се обратиле до сите институции, но од никаде не добиле одговор за нивниот проблем.

- Веќе сме на крајот од првата половина на учебната година која, за жал, за нас сѐ уште не е започната! Немаме никакви информации за почеток на наставата од раководството. Сѐ уште нема кадар и нефункционалноста продолжува веќе четврти месец. Најтрагично е што ниту Министерството за образование ниту министерот Јетон Шаќири нѐ прими на разговор откако му испративме неколку барања за да разговараме за нашиот проблем. Институциите молчат, додека ние сме оштетени и изманипулирани. Уморни сме и разочарани, не гледаме како да постапиме понатаму освен со тужби. Овие месеци секаде се обративме - до МОН, Просветниот инспекторат, Трудовата инспекција, до Народниот правобранител, но за жал, никој не ѝ стави крај на оваа противзаконска игра.

Јавно би го прашала и Бирото за акредитација зошто не реагира? Веќе четврти месец факултетот е без кадар, повеќе е од очигледно дека треба да се одземе акредитацијата, а со тоа да се најде и соодветен факултет каде што би нѐ префрлиле и каде што би ја предавале нашата програма за да ни го овозможат основното студентско право според Законот за високо образование, а тоа е дека секој студент има право да ја заврши студиската програма што ја започнал! Ние се обративме до другите факултети, но сме доведени до ситуација од 1 испит до дипломирање да имаме 16 нови испити, односно диференцијални предмети! Сметам дека институциите треба да реагираат и да ни го решат проблемот! - вели Марија Михајловска од Студентското собрание на ФБЕ

Од директорката на Факултетот не добивме информација за тоа како ќе се реши проблемот.
Подготвил: Јована Трајковска

Издвојуваме

Живот