X
 29.08.2022 Наша тема

Препечен леб, пена во сок, напад од гаврани и оси во парк... Какви необични претставки добива Агенцијата за храна и ветеринарство?

Најчесто граѓаните не знаат кои се ингеренциите на Агенцијата за храна и ветеринарство, односно не се информирани претходно до кои институции треба да се обратат за своите домашни, комунални, пазарни или здравствени проблеми.

За да си ги заштитат своите права како потрошувачи или жители на одредено место, граѓани и правни лица постојано поднесуваат претставки и предлози, но не секогаш до вистинските институции во земјава.
Голем дел од нивните претставки наместо кај инспекторатите за животна средина, пазарна или кај комуналните инспекции, завршуваат во Одделението за заштита на потрошувачите при Агенцијата за храна и ветеринарство.

- Валканата вода од штала на соседот тече во пукнатата цевка од селскиот водовод, соседите од зградата хранат кучиња кои постојано лаат и од нив не можеме да спиеме, оџакот од сендвичарницата во приземјето од нашата зграда е свртен директно кон терасите и не можеме од јаката миризба да излеземе надвор, купував храна, а сметката што ми ја дадоа е бледа и не се чита убаво, гаврани напаѓаат во градскиот парк, не можеме да шетаме и да се рекреираме... - се некои од претставките поднесени до АХВ.

Некои граѓани се жалеле дека во влезот на зградата им смрди на риба, некои се исплашиле од осите во паркот, додека еден граѓанин кој чувал јато гулаби се пожалил дека јастребот на соседот му ги нападнал.

- Заради заштита и остварување на своите права и интереси како потрошувачи, граѓани или правни лица поднесуваат претставки и предлози до Агенцијата за храна и ветеринарство. По оние за кои е надлежна, АХВ постапува, неоснованите се отфрлаат, а претставките за кои се надлежни други институции се препраќаат до нив за постапување. Покрај основаните и претставките по кои е надлежна и постапува, до Агенцијата пристигнуваат и претставки за кои се надлежни други институции и тие најчесто се од надлежност на комуналните општински инспекции, пазарниот или инспекторатот за животна средина - велат од АХВ.



Меѓу најнеобичните случаи што стигнале до Агенцијата за храна е претставката на постара жена од Скопје која преку интернет порачала машина за везење за 50 долари и ја платила со картичка, но наместо машината, добила плик со две платнени маски во него.

До АХВ некогаш стигнуваат и сомнежи за квалитетот на прехранбените производи и што значи за граѓаните консумирањето на одредена храна.
„Дали лебот тонус е здрав?“, „Може ли јачменот да ми предизвика алергија?“, „Лебот што го купувам еден ден е препечен, а друг ден скоро жив“, „Се сомневам дека сокот има нешто поради што многу прави пени кога ќе се отвори“, информираат од Агенцијата.

Ова се случува затоа што најчесто граѓаните не знаат кои се точно ингеренциите на Агенцијата за храна и ветеринарство, односно не се информирани претходно до кои институции треба да се обратат за своите домашни, комунални, пазарни или здравствени проблеми.

Во 2021 година во базата на податоци на Одделението за заштита на потрошувачите биле евидентирани 418 поднесени претставки, а Агенцијата постапила по 314. До другите институции биле препратени 61 претставка, 27 од нив се отфрлени, а по 16 од нив не е постапено.
Од овие 418 претставки за 2021 година најголемиот дел, вкупно 224, се однесувале на здравствена заштита и благосостојба на животните, 37 за загадувачи, 27 за изменети својства на прехранбени производи, 22 се однесувале за поминат рок на употреба на храната, а 12 од нив се сомнежи за труење со храна.



- Најголем број од поднесените претставки по кои е постапувано во 2021 година биле од областа на ветеринарството (143 претставки се однесуваат на здравствената заштита и благосостојба на животните), а 137 претставки се однесувале на храна од неживотинско потекло. Најмал бил бројот на претставки кои се однесуваат на храна од животинско потекло (34).
До Одделението за државна инспекција за здравствена заштита и благосостојба на животните, од вкупно поднесените 224 претставки, 53 биле со наводи за напад и каснување од куче, 76 се однесувале на неодговорно сопствеништво, а преостанатите биле со други наводи од областа на ветеринарството и здравствената заштита на животните - објаснија од Агенцијата за храна и ветеринарство.
Подготвил: Орце Костов

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема