X
 29.09.2021 Наша тема

Дневник од шест писатели за 2020 - најчудната година во модерната историја


Босанската писателка Лана Басташиќ кон крајот на 2019 година им понуди на група писатели од најновата генерација од речиси сите земји создадени со распадот на Југославија да учествуваат во проектот „Заеднички дневник“, во кој секој од нив би запишувал што му се случува секојдневно, во текот на два одредени месеци, по петстотини збора дневно. Во тој момент ниту еден од шестемина автори: Луиза Бухараова од Хрватска, Дијана Матковиќ од Словенија, Данило Лучиќ од Србија, Никола Николиќ од Црна Гора, зачетничката на идејата - Лана Басташиќ од Босна, како и македонската писателка Румена Бужаровска – ни во сон немаше помислено дека ќе ја живее една од најпредизвикувачките години на својот живот. Годината во која целиот свет застана, годината во која се покажа дека сме поврзани повеќе од кога било и дека најзафрлените ќошиња на глобусот, еднакво како и најфреквентните авении, за миг може да останат пусти, без живост и без луѓе.
Овој книжевен проект, сега книга со наслов „2020“, во издание на хрватската издавачка куќа „Фрактура“, неодамна беше промовиран на Фестивалот на светската книжевност во Загреб.

- Годината на опсадно живеење помина, а овие записи не се само единствена трага, туку и литература што ни овозможува можеби трезвено да промислиме за тоа каде сме и што треба да правиме, иако е поголема веројатноста дека ќе продолжиме по старо. Во овој проект се најдоа дневничките записи на шестемина автори што бескомпромисно се изложуваат себеси и својата интима пред лицето на публиката. Размислувањата и одлуките, понекогаш промислувања, а понекогаш не, стравовите и надежите, самотијата и ретките средби... беа нивно и наше секојдневие. Да се чита за 2020 година, во која молскавично се менуваа восхитот од човештвото и разочараноста од него истовремено, значи одново да се занурка во својата суштина, низ очите на другите. Формата на заеднички дневник е необична, но овој мал оркестар свири уиграно, а секоја мала соло делница е мало ремек-дело - пишува издавачот „Фрактура“ за книгата.

Во проектот-книга „2020“ е вклучена и македонската писателка Румена Бужаровска, чии книги во изминатите години стигнаа до широка книжевна публика и до недвосмислени пофалби од критиката, но и авторка која со своите јавни настапи укажува на многубројни аномалии на општеството во кое живееме.

Бужаровска го пишувала својот дел во март, во време кога повеќето жители на планетата сѐ уште не ја сфаќаа сериозно ситуацијата со вирусот. Во некој момент дошла во искушение да ги уреди своите текстови за светот да не дознае како во тој миг била „глупава“, како што самата вели за своите записи од почетокот на март, кога била скептична за коронавирусот, нарекувајќи го „светска панична параноја“. Сепак, Бужаровска вели дека не подлегнала на таа заводлива можност бидејќи увидела дека се однесувала слично како и мнозинството во тој период. Интересно е, вели таа, преку дневничките записи да се увиди како ситуацијата со пандемијата, па и личниот став кон тоа што се случува се менуваат од ден на ден. Оттаму, Бужаровска смета дека се работи за еден интересен архив што преку личното го отсликува политичкото.

- Сега кога го читам дневникот, мислам дека можев да бидам малку поискрена - вели Бужаровска.
Иако е пишуван во пандемска година и речиси изгледа наместено, Бужаровска смета дека тоа можеби е и негативно затоа што во тој период се случило и други луѓе да покренат слични проекти и да пишуваат текстови во екот на пандемската изолација.

- Тоа можеби ја намалува нашата вредност, затоа што тоа стана некоја нормална приказна - вели Бужаровска и додава дека дневникот би бил поинтимен и поразнолик ако среде нивниот проект не се случело светот да се затвори.



Според иницијаторката на проектот Лана Басташиќ, сѐ започнало како една вежба, забележување, експеримент...
- На крајот имавме земјотрес во Загреб, пандемија на смена на власта во Црна Гора, протести во Белград и уште илјада лични, поголеми и помали стресови, ама истуркавме 365 дена и задоволни сме - рече Басташиќ на промоцијата.

Таа објасни дека сѐ произлегло од потребата да се излезе од својата зона на комфор, како писателка на фикција, а и да се натера себеси да пишува секој ден.
- Се соочував со некоја писателска блокада првпат во животот и помислив дека ако има нешто секој ден да седнам и да пишувам, а го немам тој проблем да морам да смислувам што, тука ми е веќе содржината, но морам да ја правам таа некоја вежба на забележување, и морам да изберам што ќе гледам и слушам, помислив дека тоа е одлична вежба, всушност. И не гледав во тоа некое книжевно значење - вели Басташиќ за почетната идеја што доведе до една интересна, богата и необична книга.

Сметала дека би било премногу егоцентрично да го прави тоа сама, па еден по еден вклучила уште пет свои колеги, сите родени по 1980 година – доволно за да немаат вистинско искуство со Југославија. На самиот почеток не била целосно оптимистична дека проектот ќе успее, не само кога се работи за дисциплината, туку и некои други околности, како фактот дека сето тоа на крајот може да биде и досадно.

- Ние сме писатели и писателки, животите ни се здодевни и затоа пишуваме – објаснува таа, дополнувајќи дека сметала на тоа дека секој од споменатите автори има поинаков стил, поинаков пристап, така што немала визија за конечниот производ.

На загрепската промоција се обрати и црногорскиот писател Никола Николиќ, а беа присутни сите шест автори, првпат во исто време на исто место, иако поминаа две години од првите контакти по повод книгата. Тој раскажа како текстот стигнал до издавачот кога бил целосно завршен.

- Сѐ беше една возбудлива авантура без некоја помисла дека ќе биде книга. Не пишувавме фикција, пишувавме дневник, тоа сме ние во тој момент, ние на тој начин размислуваме во тој миг. Секако, сите се надеваме дека ќе се добие некоја повисока вредност што своето исходиште ќе го најде во книга, но пишувавме поради тоа растоварено и не ја фикционизиравме нашата стварност - вели Николиќ.

И на другите учесници во овој книжевен проект исто така им беше важна доследноста да ги стават на хартија фатените моменти од една навидум сосема обична година, заокружена со две дваесетки, а која се претвори во најчудната година во модерната историја на човештвото.
Нагласувајќи ја онаа вистинската разлика помеѓу дневник и јавен текст, според која дневникот подразбира записи за она што е тешко да се разбере и тешко да се признае и на најблиските, Дијана Матковиќ ја споменува и непријатноста.

- Морам да кажам дека во еден мал дел сепак ми е срам од овој дневник бидејќи се случува во пандемија, умираат луѓе и денес, а јас во еден миг пишувам за сопствената хипохондрија - искрена е Матковиќ.

Книгата „2020“ содржи 365 записи, убедливи, поинакви, поетизирани или строго документарни, понекогаш лесни за поистоветување текстови. Особено во записите на Никола Николиќ, кој ги опфатил двете значајни ментални кризи во Црна Гора, првата во април, кога сѐ уште верувавме дека пандемијата ќе заврши пред почетокот на летото, и ноемвриската, кога сегашниот премиер ја најави владата што ќе ја преземе власта во почетокот на декември.
Српскиот писател Данило Лучиќ на промоцијата споменува и дека чувствувал автоцензура за време на пишувањето на својот дел од заедничкиот дневник „2020“, особено поради потребата да ги заштити идентитетите на луѓето што ги споменува.
Тој се пошегува и дека е забележливо дека само тој запишувал што јадел, како Џејми Оливер.

Сепак, истакнува дека е очигледна наративноста во целата приказна.
- Постои ковид, постои нешто што влече и всушност кога се чита кој во која земја се затекнал, во тој момент се чувствува како расте таа тензија, како врие тој проблем и како се прелева од една во друга земја и сакале-нејќеле, одеднаш како сите да сме во некој вид заедничко поле и овие проблеми што градациски растат како да ги надоврзуваат нашите психи - заклучува Лучиќ.

Книгата наскоро ќе го добие и своето српско издание.
Подготвил: Весна Дамчевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема