X
 31.03.2022 Култура

Премиера на македонскиот документарен филм „Како ја дефинираш ароганцијата?“

Документарецот на Небојша Илијевски е филм за последиците од дејствувањето на властите, профитерите, бирократијата врз животите на „малите луѓе“, но и за спознанието за моќта на тој „мал човек“ кој е потиснуван од ароганцијата и заробен во своите стравови, мисли, патерни… 

Ароганцијата на која сме изложени во секојдневните животни борби често придонесува да се загубиме себеси, оневозможувајќи си го потребното внимание и свесност за суштината на животот. Ова е темата на долгометражниот документарен филм „Како ја дефинираш ароганцијата?!“ по сценарио и во режија на Небојша Илијевски, кој премиерно ќе биде прикажан овој петок на 1 април од 20 часот во киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар во Скопје.

 

- Без оглед на тоа дали се работи за решеност да се обелодени педофилија во црква знаејќи ги последиците од таквиот чекор, за допинг-скандал кој ти ја прекинува кариерата или за фактот дека си комплетно невидлив за системот и покрај успесите и вредностите што ги носиш, мудрост е да ги направиш работите што не можеш да не ги направиш, а притоа да не се изгубиш себеси - нагласува авторот Илијевски. 

По проекцијата на документарниот филм ќе следува и четириесетминутна сесија со главните протагонисти и со авторот, во која ќе биде вклучена и публиката, а по премиерата преку платформата Аrrogance.mk, гледачите ќе имаат можност за интерактивен придонес кон целиот контекст на носење свесност за личната ароганција во однос на сопствените животи.

Продукцијата е на „Холистик филм“, а е поддржан од Агенцијата за филм. 

Издвојуваме

Култура