„Ипсос“: Повеќето земји се оптимисти за 2026 година, Франција се издвојува како најпесимистична

„Ипсос“: Повеќето земји се оптимисти за 2026 година, Франција се издвојува како најпесимистична

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Повеќето луѓе во светот очекуваат подобрување на општата состојба во 2026 година, но „Ипсос“ покажува дека Франција е најпесимистична меѓу 30. земји опфатени со истражувањето.

На глобално ниво, 71 отсто од испитаниците веруваат дека следната година состојбата ќе биде подобра, додека во Франција тој процент изнесува само 41 отсто - дури 30 процентни поени под светскиот просек.

Истражувањето покажува дека 66 отсто од испитаниците сметаат дека 2025 година била лоша за нивната земја, а во Франција дури 85 отсто го делат тој став, што „Ипсос“ го поврзува со силни политички турбуленции. Сепак, резултатите се подобри во споредба со 2020 година, кога 90 отсто од испитаниците глобално ја оцениле годината како лоша.

Околу 59 отсто од анкетираните во светот очекуваат протести поради начинот на управување со државата во 2026 година, додека во Франција тоа го очекуваат речиси седум од десет граѓани.

Исто така, во Франција е поголема загриженоста за безбедноста со тоа што 41 отсто од испитаниците стравуваат од можен терористички напад, наспроти 29 отсто во другите земји.

Кога станува збор за економијата, 49 отсто од испитаниците во светот очекуваат посилен глобален економски раст во 2026 година, додека во Франција тоа го очекуваат само 17 отсто.

Французите се особено загрижени и поради вештачката интелигенција - 73 отсто стравуваат дека таа ќе доведе до губење работни места, а само 30 отсто веруваат дека ќе создаде нови вработувања.

Песимизмот е изразен и во однос на меѓународните прашања: 65 отсто од Французите не очекуваат завршување на војната во Украина во 2026 година. Дополнително, 72 отсто сметаат дека е мала веројатноста американскиот претседател Доналд Трамп да добие Нобелова награда за мир.

Околу 40 отсто од Французите изјавиле дека сакаат помалку да користат социјални мрежи, што „Ипсос“ го толкува како зголемена свест за нивното негативно влијание врз менталното здравје.

Анкетата е спроведена меѓу 23.700 возрасни лица од 30 земји, кои ја оценувале годината што изминува и ги изнесувале своите очекувања за 2026 година.

Извор: 021.rs
Фото: Pixabay