Мислите и уверувањата го одредуваат здравјето

Мислите и уверувањата го одредуваат здравјето

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Уверувањата не се само апстрактни идеи што влијаат врз нашата психа, туку тие постојат како реални обрасци на размислување во нашите тела. Сепак, тие не се исти како и самите мисли.

Тие ги обликуваат содржината и структурата на нашите мисли, дејствувајќи преку реални електрохемиски сигнали што патуваат низ целото тело. Влијаат врз секој аспект од нашето битие - од чувството на среќа и силата на имунолошкиот систем до рамнотежата на хормоните, ензимите и целокупната хемија на телото.

Тајната на животот

Така, уверувањата како мисли влијаат не само врз нашата психологија, туку и врз нашата физиологија. Д-р Брус Липтон истакнува дека уверувањата што ги имаме во нашите умови ги создаваат биологијата и однесувањето во нашите животи.

Д-р Липтон е познат американски молекуларен биолог и истражувач, пионер на епигенетиката кој го посветил поголемиот дел од својот живот на проучување на матичните клетки. Благодарение на нив, ја открил тајната на здравјето и животот. Науката и медицината отсекогаш нè учеле дека секој од нас е исклучиво одраз на сопствената ДНК, или гени. Оттука следува дека сме целосно немоќни да промениме нешто, но тоа е далеку од вистината, вели д-р Липтон.

Врвниот експерт забележал нешто многу интересно во своето истражување - човечките клетки се под влијание на околината, како и на нашите мисли и верувања. Во една од неговите многубројни студии тој го набљудувал однесувањето на идентични матични клетки во Петриев сад, во три различни хемиски средини.

Секоја од овие групи матични клетки, иако генетски идентична, се развила во нешто различно – во зависност од околината. Па така, во една средина матичните клетки се претвориле во коскени клетки, во друга станале масни клетки, а во третата станале мускули. Тој заклучил дека не се гените тие што одлучуваат како ќе се развива клетката и дали ќе биде болна или здрава. Околината е важна.

Доживување на светот

- Нашето тело е составено од огромна група од 30 трилиони клетки кои работат во хармонија. А однесувањето на секоја од овие клетки е во голема мера под влијание на нашиот ум и перцепција, или нашето доживување на светот - вели д-р Липтон.

Како пример тој наведува дека ако го перципирате светот како пријателско место, вашите клетки ќе добијат такви сигнали што ќе ги насочат да се отворат, да растат и да се развиваат. Меѓутоа, ако го перципирате како непријателско место во кое постојано мора да се браните и да се заштитите од нешто, вашите клетки ќе добијат сигнали за затворање и наместо да ги извршуваат своите вообичаени функции, ќе се бранат од стрес и непријатели.

Влијанието на стресот

Исто така, д-р Липтон вели дека секоја клетка ги има сите органи како што ги има човечкото тело, па затоа нивните мембрани имаат улога на мозок. Преку овие мембрани тие примаат сигнали однадвор и на тој начин, во согласност со сопствената интелигенција и мудрост, вклучуваат или исклучуваат одредени гени, што потоа влијае врз вашето целокупно здравје.


Стресот се „храни“ со вашата енергија

Многу луѓе денес живеат под постојан стрес. Стресот го стимулира лачењето на хормонот кортизол, кој ги стеснува вашите крвни садови. Потоа енергијата од желудникот, кој е центар на нашата виталност, имунитет и здравје, се пренасочува кон екстремитетите, кои добиваат целосен приоритет во ситуација „борба или бегство“.

Бидејќи стресираните клетки трошат многу енергија на одбрана, организмот веќе нема доволно енергија. Поради ова, со текот на времето телото слабее, создавајќи плодна почва за разни нарушувања и болести.

Клучот за долгорочни промени лежи во потсвеста. Позитивните афирмации и законот за привлекување честопати не функционираат бидејќи кога има конфликт на мисли, посилното уверување секогаш победува. Со интегрирање на потсвеста со свесните намери, можно е навистина да го промените вашиот живот.

Потсвеста функционира различно од свесниот ум, кој е поврзан со логиката, расудувањето и слободната волја и ја претставува нашата секојдневна перцепција за себе.

Извор: avaz.ba

Фото: Freepik