Очите на ирвасите прават нешто неверојатно кога ќе дојде зимата

Очите на ирвасите прават нешто неверојатно кога ќе дојде зимата

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Ирвасите можеби немаат нос што свети црвено во ноќта, но имаат еден навистина фасцинантен дел од телото што ја менува бојата во зимскиот мрак - нивните очи.

Во 2013 година научниците открија дека очите на ирвасите ја менуваат нијансата со годишните времиња, одразувајќи ја бојата на арктичкото небо.

Ако погледнете во очите на арктички ирвас (Rangifer tarandus) во лето, кога деновите се долги, а сонцето е силно, ќе забележите златно-тиркизен сјај, сличен на смарагдниот одраз што го имаат очите на мачките навечер.

Но во зима, кога владее темнината, очите на ирвасот прават нешто навистина уникатно: стануваат длабоко, впечатливо сини.

Животното не се претвора во нешто фантастично. Станува збор за природна метаморфоза, уникатна адаптација што, според научниците, можеби функционира како „очила за сонце“ за ирвасите.

Ирвасите се хранат пред да се стемни, а за време на арктичката зима приквечерието може да трае повеќе од една третина од денот, обојувајќи го ледениот пејзаж со исклучително сина светлина. Уметниците со причина го нарекуваат приквечерието „синиот час“.

Научниците сметаат дека очите на ирвасите еволуирале така што во зима рефлектираат повеќе сина светлина. На тој начин светлината добива уште еден премин низ мрежницата, овозможувајќи фоторецепторите да соберат повеќе информации.

Резултатот е многу посветол поглед кон пределот (дури и до илјада пати посветол), но со цена - значително помала резолуција на сликата, како гледање низ замаглено стакло.

Како и многу други цицачи, и ирвасите имаат слој што ја рефлектира светлината, наречен „тапетум луцидум“, сместен зад мрежницата. Но ниту еден друг цицач не е познат дека има сличен на оној кај ирвасите - неговата структура, очигледно, зависи од годишното време.

 

Истражување од 2022 година ги споредувало очите на ирваси што умреле во лето со оние што умреле во зима. Резултатите ја поддржуваат идејата дека постојаното ширење на зениците при слаба светлина влијае врз рамнотежата на течностите во окото и можеби предизвикува структурни промени во „тапетум луцидум“.

Сепак, научниците не успеале да ги споредат истите структури низ двете сезони. И покрај тоа, тие наведуваат дека е јасно дека разликите се мали.

- Сè уште не разбираме како се активира сезонската структурна промена во окото и кои биохемиски патишта ја предизвикуваат. Но, како и да се активира, јасно е дека промената мора да биде повратна - велат истражувачите.

За целосно да се реши мистеријата, можеби ќе биде потребно проучување на очите на ирвасите во есен и пролет, за да се следи постепениот премин меѓу зимските и летните нијанси.

Засега, очите на арктичките ирваси изгледаат навистина уникатни, но можно е и други цицачи што живеат во услови со слаба светлина да имаат слични, сè уште неоткриени адаптации.

Извор: Science Alert
Фото: Unsplash