Мравките имаат тоалети во домот и го исфрлаат отпадот надвор

Мравките имаат тоалети во домот и го исфрлаат отпадот надвор

Подготвил: Драгана Петрушевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Најново истражување кое го следело однесувањето на црните градинарски мравки дошло до неверојатни откритија. Овие инсекти во своите домови градат тоалети и го исфрлаат отпадот надвор.

Во истражувањето, авторите заклучиле дека овие инсекти се прилично напредни кога се работи за личната хигиена и отстранувањето на отпадот.

Биологот Томер Чачкес и неговите соработници направиле лажни бели гнезда за неколку стотици мравки и ја обоиле водата што тие ја консумирале. Набргу, тие забележале дека одредени делови од домовите на мравките се обоени, што покажало дека мравките користат само одредени места за да вршат нужда. Освен тоа, истражувачите дознале дека овие инсекти ги чистат просториите во кои живеат, исфрлајќи ги надвор остатоците од храна и другиот отпад, како и мртвите мравки.

Истражувачите немаат одговор зошто мравките едноставно не излегуваат надвор за да вршат нужда, особено затоа што тие ги дезинфицираат просториите со киселината што ја лачат. Некои научници веруваат дека послабите мравки не го напуштаат домот за да не се изложат на опасност, но ова е само теорија.

Извор: Kafenisanje
Насловна фотографија: Pixabay