Што не разбира „Нетфликс“ за балканската кошаркарска страст?

Што не разбира „Нетфликс“ за балканската кошаркарска страст?

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Дали овој документарец на „Нетфликс“ воопшто ќе го здогледаше светлото на денот ако сценариото не завршеше како што треба – ако машката кошаркарска репрезентација на САД не го освоеше златото? На тоа прашање веројатно никогаш нема да добиеме одговор.

Во основа, идејата била да се овековечи историски момент во Париз – настапот на една легендарна генерација играчи на тимот на САД предводена од Леброн Џејмс, Стефен Кари и Кевин Дјурант. Во поширока смисла, ова требало да биде приказ на најсилниот кошаркарски турнир во историјата, каде што учествуваа најголемите светски сили и најдобрите играчи на денешницата.

Митот за непобедливоста на Американците


Во тимот на САД беа собрани минатото и иднината на американската кошарка: легендите во залез – Леброн, Кари, Дјурант, играчите во најдобрите години – Ембид, Ентони Дејвис, и оние што допрва доаѓаат – Ентони Едвардс, Џејсон Татум. На другата страна беа најголемите светски ривали: Виктор Вембанјама, Шеј Гилџис-Александер и, секако, Никола Јокиќ.

За секој човек од поранешна Југославија, кошарката на Олимписките игри носи посебна тежина. Големиот судир меѓу Америка и поранешна Југославија требаше да се случи во 1992 година, но, од добро познати причини, тоа не се реализира.

Митот за непобедливоста на Американците опстана до денес. Вистина, имаше моменти кога НБА-ѕвездите беа поразени. Првпат во Индијанаполис (2002), кога Аргентина им одржа лекција, а потоа и СР Југославија во четврт-финалето.

Најголемиот удар дојде во Атина 2004, кога Гинобили и Аргентина ги разбија Американците предводени од Тим Данкан, Ален Ајверсон, Леброн Џејмс, Двејн Вејд и Кармело Ентони, оставајќи ги само со бронза – нешто што за нив е еднакво на катастрофа. Поразите на СП 2006 во Јапонија резултираа со создавање на прочуениот „Редем тим“, предводен од Коби Брајант.



Сепак, постојат американски тимови за кои загубата не беше опција. Таков беше оригиналниот „Дрим тим“ од 1992, тимот што се „искупи“ во 2008, и овој париски тим од 2024, кој беше наречен „одмзаднички“.

„Нетфликс“ ја следеше оваа „одмазда“ – и на теренот и зад сцената.

Србија како несакана пречка во американското сценарио

„Нетфликс“ доби ексклузивен пристап до четири екипи што ги сметаше за фаворити – САД, Франција, Канада и Србија.

@dailymailsportusa COURT OF GOLD — following Team USA, France, Serbia, and Canada — comes to Netflix February 18. 🎥 : Netflix/Instagram #netflix #olympicgames #basketball #paris ♬ original sound - Daily Mail Sport USA
Фактот што во оваа група влезе Србија, а не Германија (актуелниот светски шампион), се должи на едноставна причина – Никола Јокиќ е најдобриот кошаркар на планетата, а за американската публика тој е многу позабавен лик од Шредер или Вагнер.

Продуцентите очекуваа драматична завршница – епско финале меѓу САД и Франција, каде што Французите ќе водат до крајот, а потоа Американците ќе направат чудесен пресврт со херојска партија на некоја од нивните ѕвезди.

Но, нешто тргна наопаку. Катарзата не се случи во финалето – туку една епизода порано.

Последниот бастион на југословенската кошарка

Кошарката, веројатно, е последниот заеднички јазик на поранешна Југославија. Последното место каде што и најтврдокорниот националист го остава оружјето и си помислува: Да, мило ми е што живеам во својата независна држава, но ако само еднаш можевме да го победиме оној што не смее да биде победен и да го исфрлиме светот од колосек.

Тоа е дел од нашата спортска ДНК што „Нетфликс“ не може да ја разбере, а ниту сака.

Србите во „Златниот терен“ (англ. Court of Gold) се прикажани како необични, различни или неподобни. Додека сите други екипи се претставени како модерни, кул и атлетски доминантни, Србите изгледаат како обични момци собрани за да играат уличен баскет.

На едната страна имаме холивудски наративи – тешките детства на Дјурант и Адебајо, инспиративни говори на Стив Кер, Венсан Коле и Џорди Фернандез, а на другата страна е Кари Пешиќ, кој во полузаспана состојба тренира на лента во некој подрум и носи стар елек.

И кога ќе дојде моментот на пресметка, „Нетфликс“ панично го менува тонот – доминацијата на Србите во полуфиналето не се доживува како кошаркарско достигнување, туку како закана по светскиот поредок.

„Дали е можно? Дали ова е крајот на нашиот свет?“ – се коментарите.

Но, тогаш доаѓа Стеф Кари – неговите шутеви го спасуваат слободниот свет, а „Нетфликс“ добива филмска завршница што ја посакуваше.

Заклучок?


„Златниот терен“ може да се гледа од повеќе агли. Некој ќе го доживее како солиден документарец за кошарката, без подлабоки културолошки и геополитички слоеви.

Но, оној што ја следел балканската кошаркарска историја знае дека ова не е само спортска приказна.

Извор: Index.hr
Фото: Screenshot/YouTube