Ефектот „брејкинг бед“ кај ракот е реален, покажува ново истражување
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Многу нешта се менуваат откако на пациентот ќе му биде дијагностициран рак. Веста може да донесе вознемиреност, анксиозност или депресија, а пациентите често почнуваат поинаку да гледаат на животот.
Ново истражување посочува дека се менува и нешто што научниците не го очекувале. Во годините по дијагнозата луѓето имаат значително поголема веројатност да бидат осудени за кривично дело, дури и ако претходно немале криминално досие.
Да, слично како во серијата „Да се биде лош“ (англ. „Breaking Bad“), каде што наставник по хемија, откако му е дијагностициран рак, влегува во криминалниот свет.
Сепак, повеќето пациенти не стануваат како ликот Волтер Вајт. Според истражувањето, најчести се пресуди за кражби од продавници или поседување дрога.
Иако станува збор за „помали“ прекршоци, последиците можат да бидат сериозни, за пациентите, нивните семејства и за жртвите. Затоа истражувачите се обиделе да утврдат дали навистина ракот стои зад овој образец и зошто.
Тим од економисти анализирал податоци од административни регистри во Данска, како демографија, образование, приходи, здравје и криминална историја. Опфатени биле 368.317 лица на кои им бил дијагностициран рак меѓу 1980 и 2018 година, споредени со контролна група без дијагноза.
Во првата година по дијагнозата не бил забележан пораст на криминалот. Напротив, стапката опаѓала, што било очекувано бидејќи пациентите минувале низ интензивни терапии како зрачење или хемотерапија.
Но две години по дијагнозата се случил пресврт: веројатноста за осуда пораснала и станала статистички значајна. Ефектот се засилил во следните пет години, а потоа останал стабилно висок уште пет.
Пациентите имаат 14 отсто поголема веројатност да бидат осудени по дијагнозата.
Истражувачите испитале зошто се случува ова. Иако здравственото осигурување е универзално во Данска, ракот носи финансиски товар. Веројатноста за вработување опаѓа во годината на дијагнозата, а и оние што работат често имаат помали приходи.
Лицата кај кои падот на приходите бил најголем покажале и најсилна поврзаност меѓу ракот и криминалот.
Сепак, освен економски престапи, се зголемиле и неекономските, вклучувајќи и насилни дела, што упатува на дополнителни фактори.
Истражувачите ја разгледале и веројатноста за преживување. Врската била посилна кај пациентите кај кои шансите за петгодишно преживување нагло се намалиле во годината на дијагнозата.
И социјалните политики можат да играат улога. По реформите на општините во Данска во 2007 година, ефектот бил поизразен во средини каде што социјалната поддршка била намалена.
Доколку оваа врска се потврди и во други земји, тоа може да укаже на потреба од поинаков вид поддршка. Пациентите со рак мораат да продолжат да се приспособуваат на нови, често непријатни околности. Многу од нив бараат поддршка од блиски лица или се фокусираат на чекори за подобрување на здравјето, како вежбање и истражување на опциите за лекување.
Доколку оваа поврзаност се потврди и во други земји, тоа може да укаже на нов вид недостиг на поддршка.
- Нашите резултати покажуваат дека политиките што ги решаваат економските последици од здравствени шокови се важни за ублажување на нивното влијание врз криминалот - пишуваат истражувачите.
Извор:
Science Alert
Фото: Freepik