Светот е воодушевен од оваа монтажна куќичка што се обликува по желба и е готова за 60 дена
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Во време кога речиси сè можеме да нарачаме со еден клик, архитектурата долго остануваше врзана за бавен, комплексен и исцрпувачки процес. Но, што ако и куќата може да стане еднакво достапна со јасна цена, брза изведба и прецизен дизајн? Токму врз таа идеја се темели проект што ја менува перцепцијата за современото домување.
Шпанското архитектонско студио „Делавегаканоласо“ изработи модуларна, монтажна кабина што може да се нарача преку интернет и да се испорача со камион, за да служи како домашна канцеларија, викендица или мал дом.
Наречена „Тини“, оваа компактна единица пристигнува составена и подготвена за поставување на однапред одбрана парцела. Кабината, со површина од 20 до 102 квадратни метри, се произведува во Шпанија и се испорачува целосно наместена, а студиото предвидува и поврзување на повеќе единици за да се користат како домови.
- Главната идеја е да ја претвориме желбата за сопствен дом од долг и тежок процес во брзо решение. Денес сè е брзо, додека архитектурата сè уште е толку бавна што многу луѓе ни не би помислуваат да градат сопствен дом - вели Игнасио де ла Вега, коосновачот на студиото.
„Тини“ - куќичка на клик
Стандардната верзија на „Тини“ може да се нарача преку интернет и доаѓа со план за распоред од 20 или 34 квадратни метри. Со помош на алатка за приспособување, купувачите можат да изберат меѓу две бои на рамката, различни распореди, „удобни“ или „минималистички“ палети на материјали, како и поврзан систем.
Самоодржливата опција доаѓа со септичка јама, соларни панели и резервоар за вода, а за нејзина инсталација, според студиото, потребни се два до три дена. Поврзаната кабина може на самото место да се приклучи на вода, струја и канализација.
Осмислена за „враќање на село“
За поголеми објекти, две или три кабини може да се спојат за да се создаде простор со површина до 102 квадратни метри. Студиото се надева дека ова би можело да им го олесни преселувањето на луѓето од градовите во село.
- Сфативме колку се скапи малите станови во градот во споредба со големите површини на периферијата. Веруваме дека враќањето на село е решение за овој проблем и сакавме тоа да го направиме што е можно поедноставно, што ќе биде готово за 60 дена - објаснува Де ла Вега.
Извор:
Nova.rs
Фото:
Instagram