Терминот „компјутерски баг“ навистина има врска со инсекти

Терминот „компјутерски баг“ навистина има врска со инсекти

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Во светот на компјутерите терминот „bug“ (баг) вообичаено означува грешка или пропуст во софтверска програма. Баговите најчесто се делат на софтверски или технички грешки. Но зошто воопшто ги нарекуваме „багови“? Оваа терминологија има интересна историја, директно поврзана со самите почетоци на компјутерската ера.

Првиот забележан случај во кој „баг“ предизвикал технички дефект се случил во 1947 година, кога инженери што работеле на компјутерот „Харвард марк II“ на Универзитетот „Харвард“ пронашле молец заглавен во хардверот на машината. Тој молец предизвикал електричен дефект и го нарушил нормалното функционирање на системот.

За популаризацијата на терминот е заслужна Грејс Хопер, пионерка во компјутерството, која била дел од тимот што го открил молецот. Инсектот бил отстранет и залепен во дневникот за работа на компјутерот со забелешка: „First actual case of bug being found“ („Прв вистински случај на пронаоѓање баг“). Фотографијата од таа страница  се чува во архивата на американската морнарица.

Сепак, идејата за „баг“ во систем постоела и пред овој инцидент. Терминот „bug“ се користел во инженерството и електрониката долго време пред современата ера на компјутерите. Познатиот пронаоѓач Томас Едисон го користел овој збор уште кон крајот на 19 век за да опише технички дефекти во своите изуми.

Вообичаени заблуди

Постојат неколку чести заблуди за потеклото на зборот „bug“. Една е дека терминот потекнува од шум на телефонска линија, кој наводно потсетувал на звук од бубашваба. Ова не е точно.

Друга распространета заблуда е дека зборот „bug“ потекнува од изразите „bugbear“ или „bugaboo“, кои историски се однесувале на злонамерни духови или привиденија за кои се верувало дека предизвикуваат дефекти на машини. Иако ова е интересна етимолошка приказна, не постојат цврсти докази што ги поврзуваат овие митолошки поими со современото технолошко значење на терминот „bug“.

Во едно духовито семантичко споредување, интересно е да се направи паралела меѓу карактеристиките на софтверските багови и инсектите.

Како што инсект може незабележливо да се вовлече во вашиот дом, така и софтверски баг може да се „вовлече“ во кодот, често незабележливо. Инсектите можат да предизвикаат различни нивоа на штета, од мали непријатности до сериозни последици, исто како и баговите во софтверот.

Сепак, тука сличностите завршуваат. Додека инсектите се дел од природниот свет, софтверските багови се ненамерни грешки што настануваат поради човечки пропусти во процесот на дизајн или програмирање.

Што е „дебагинг“ (debugging)?

По инцидентот со молецот, процесот на пронаоѓање и поправање на грешките во кодот го добил терминот „debugging“ (отстранување багови).

Отстранувањето багови е клучен дел од развојот на софтверот. Програмерите користат различни техники и алатки, како што се пишување пораки, водење логови, интерактивни дебагери со цел да ги пронајдат, изолираат и отстранат грешките.

Овој процес може да биде сложен. Често бара длабоко разбирање на структурата на кодот, меѓузависноста на различните компоненти и разликата меѓу посакуваниот и реалниот резултат. Сепак, неговото значење е огромно, бидејќи квалитетот, функционалноста и сигурноста на софтверот директно зависат од ефикасното отстранување на грешките.

Извор: BIZlife.rs
Фото: Freepik