Зошто младите во Шведска одлично го владеат англискиот јазик?
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Шведскиот е жив јазик што го зборуваат околу 10 милиони луѓе, најмногу во Шведска и во Финска. Но младите во Шведска одлично го владеат и англискиот.
Шведска постојано се рангира многу високо во споредбите за познавање на англискиот јазик, при што младите таму зборуваат толку добро англиски што другите земји ги гледаат со завист.
Иако англискиот не е официјален јазик во Шведска, неговото познавање е формален услов за напредување во образованието, а често и за вработување. Шведската национална наставна програма наведува дека англискиот јазик нè опкружува во секојдневниот живот и се користи во различни области, како политиката, образованието и економијата.
Кај младите Швеѓани постои слаб интерес за учење други странски јазици: се смета дека англискиот е доволен.
Англискиот е стандардниот јазик за Швеѓаните во ситуации кога се претпоставува дека некој не го владее целосно шведскиот, и при патување во странство, и дома во Шведска кога разговараат со посетители или мигранти. Всушност, мигрантите велат дека тешко успеваат да ги натераат Швеѓаните да зборуваат со нив на шведски.
Младите Швеѓани лесно преминуваат на англиски и сè почесто разговараат на овој јазик меѓу себе. Многумина замислуваат живот надвор од Шведска и го гледаат англискиот како јазик на својата иднина.
Англискиот на училиште и надвор од него
Во шведските средни училишта наставата по англиски има цел учениците самоуверено да зборуваат. Се изучуваат и оценуваат комуникациските вештини како слушање, зборување, читање и пишување, а националното тестирање започнува во шесто одделение, односно на 12 години. Акцентот е ставен на имплицитно знаење на јазикот (способност да се користи) наместо на експлицитно знаење (знаење за правилата и јазикот).
Наставната програма не става посебен акцент на јазичната точност. Затоа младите, иако често имаат одлична говорна способност поради постојаната изложеност на англискиот јазик, може да имаат празнини во граматиката и нормите, комуницираат успешно, но не секогаш точно.
Тоа не ги спречува младите Швеѓани да се насочат кон англискиот. Надвор од училницата, тие се среќаваат со англискиот јазик многу повеќе од нивните врсници од другите земји. Англискиот има силна привлечност поради неговото присуство во медиумите и рекламите, популарноста на британската и американската култура и фактот што многу шведски музичари пеат на англиски.
Дополнително, многу млади користат англиски на социјалните мрежи и како сленг. Голем дел од јазикот што го среќаваат онлајн е англиски. Медиумската содржина што ја консумира младината во Шведска, од „Нетфликс“ и „Јутјуб“ до „Тик-ток“ и „Снепчет“, претежно е на англиски.
Многу шведски инфлуенсери создаваат содржини на англиски, а видеоигрите во Шведска отсекогаш биле на англиски.
Подготвеноста да се користи англискиот јазик не е исто што и знаење на јазикот. Повеќето ученици најмногу напредуваат кога ги комбинираат учењето на училиште и изложеноста надвор од училиштето. Идеално, наставниците треба да го препознаат и вклучат овој начин на учење во наставата.
Новата програма за повисоките класови го одразува тоа, нагласувајќи ја важноста учениците да станат свесни дека јазик може да се учи и надвор од училиштето.
Она што се случува во училиштата е само мал дел од тоа како младите во Шведска го учат англискиот. Формалната настава и неформалната употреба заедно даваат многу поголем резултат.
Извор:
The Conversation
Фото: Freepik