Дали мора да ги дезинфицирате сите намирници што ги купивте?

Дали мора да ги дезинфицирате сите намирници што ги купивте?

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

Досега нема докази дека Ковид-19 се пренесува преку храна. Најголемиот ризик кога станува збор за коронавирусот и намирниците се другите луѓе во продавницата, односно маркетот додека пазарите.

Доналд Шафнер е микробиолог и експерт за безбедност на храна од Универзитетот „Ратгерс“ во Њу Џерси, САД. Тој одговара на неколку прашања поврзани со дезинфекцијата на штотуку купените намирници.

Треба ли да ги чувате намирниците во гаража или во ходник три дена?

Ова е смешно. Дали навистина ќе ги чувате млекото, сладоледот, сувомесните производи надвор цели три дена? Тоа има и важни импликации во однос на безбедноста на храната. Ова звучи како рецепт за катастрофа или барем за расипана храна.

Има мало зрно вистина во овој совет бидејќи знаеме дека вирусот полека станува неактивен на собна температура со период на полураспаѓање од околу осум часа. Но, овој совет претпоставува дека сите намирници се контаминирани и дека едноставно со допирање ќе се разболите, а ништо од тоа не е точно.

Дали навистина треба да ги дезинфицирам сите кутии и кеси што сум ги внел дома?

Мислам дека ова исто така е совет кој нема смисла од научен аспект. Ако сте загрижени дека надворешноста на пакувањата на храната е контаминирана, ве советувам да си ги миете или дезинфицирате рацете пред да седнете да јадете храна која можеби сте ја зеле од тие пакувања. И погодете што, миењето на рацете пред да јадете е најдобрата практика дури и кога нема пандемија!

Миење свежи производи со сапун?

Сапунот апсолутно не треба да се користи за миење храна. Сапунот не е направен за храна. Сапунот може да предизвика гадење, повраќање и дијареја ако се внесе во организмот.

Препораките на научните експерти, вклучително и американската Администрација за храна и лекови, се дека треба да ги миете свежите овошја и зеленчуци во ладна вода.

Дали кесите за повеќекратна употреба се ризични?

Многу луѓе користат кеси за повеќекратна употреба како одговорен избор. И ние во мојата фамилија го правиме истото. Најдобро е (беше и пред пандемијата) да ја перите кесата редовно.

Иако теоретски е можно кесата за повеќекратна употреба да собере бацили, вклучително и коронавирус додека сте во продавницата, најголемата закана со која се соочувате е присуството на друг човек во продавницата, кој можеби е заразен со вирусот. Би сугерирал да си ги чувате кесите за пазарење во автомобилот за да ви бидат при рака следниот пат кога ќе пазарите.

Ако сте загрижени дека на вашата кеса можеби има коронавирус, можете да ја измиете. Исто така, треба да ги миете рацете откако ќе ги сместите сите намирници. Ова беше добар совет и пред пандемијата.

Што можам да направам за да го намалам ризикот при пазарување?

Многу продавници и маркети нудат дезинфициенси за раце на влезот и дезинфицирање на количките за пазарење. Двете нешта се добри идеи и купувачите треба да ги искористат ако се достапни.

Друг совет е да направите список и да знаете што сакате, да се движите брзо и ефикасно низ продавницата, земајќи ги работите напишани на списокот.

Практикувајте соодветно социјално дистанцирање, давајќи сѐ од себе да бидете оддалечени околу два метра од другите купувачи. Ако има средство за дезинфекција на рацете, јас го користам и кога ќе излезам од продавницата и повторно дома кога ќе ги сместам сите намирници и ќе ги вратам кесите за повеќекратна употреба во автомобилот.

Извор: Science Alert
Насловна фотографија: Unsplash