Угледен математичар тврди дека во Италија има повеќе од 11 милиони заразени со коронавирусот

Угледен математичар тврди дека во Италија има повеќе од 11 милиони заразени со коронавирусот

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

Лука Форести, експерт од миланскиот медицински центар „Сантагостино“, најважниот синџир на приватни клиники во Италија, деновиве ѝ претстави на италијанската јавност пресметка според која бројот на луѓето што во таа земја се во допир со коронавирусот е многу поголем од оној што официјално се презентира и изнесува најмалку 11,2 милиони.

Бројот на заразени се намалува бидејќи се тестираат само луѓето што имаат потешки симптоми, но не и оние што имаат симптоми и се наоѓаат дома или, пак, оние без симптоми, вели Форести во неговата пресметка. Додава и дека поголем број заразени автоматски значи и поголем број луѓе што оздравеле.

Официјален број на заразени


Во интервјуто што го даде за „Кориере Дела Сера“, Форести објаснува како дошол до милионските цифри. Имено, досега бројот на заразени во Италија е поголем од 100 илјади.

- Бројот на реално заразени е клучен за утврдување на стратегијата за развој на епидемијата - вели Форести, кој е и физичар и математичар.

Тој заедно со Клаудио Канчели, градоначалник на Небро, место во околината на Бергамо, кое е меѓу најпогодените од заразата, одлучно изнесе процена за реалниот број на заразени.

Како се спроведува тестирањето во Италија?

- Според мојата пресметка, бројот на Италијанци што до 27 март биле во контакт со коронавирусот изнесува најмалку 11,2 милиони. Со оглед на тоа дека до тој датум со тестирања беа потврдени 86.498 заразени, значи дека гледаме само 0,7 отсто од реалниот број. Тоа е последица на начинот на тестирање, особено во Ломбардија - објаснува Форести.

Секако дека сите се прашуваат како еден угледен експерт може да претставува толку сериозно голем број, па тој даде и објаснување.

Златните стандарди на смртноста на Ковид-19

- Резултатот е тоа до што се доаѓа со оглед на смртноста на вирусот. Знаеме дека таа е околу 1 отсто, иако се чини дека во Италија е поголема. Постојат два „златни стандарди“ кои го покажуваат тоа: едниот е крузерот „Дајмонд принцес“, каде што можеше да се тестираат сите патници, а другиот пример е Јужна Кореја, која направи огромен број тестирања. Во Кореја смртноста беше пониска од смртноста на бродот бидејќи Корејците се млади, а овој вирус е особено опасен за постарите. Ако тоа го примениме на Италија и возраста на нејзините жители, ќе дојдеме до нешто поголема смртност, од околу 1,2 отсто - објаснува Форести.

Потоа доаѓа и до пресметката на бројот на заразени.

Како се пресметува бројот на заразени?

- Ќе го земеме за пример Нембро, едно од местата што се најпогодени од епидемијата. Знаеме, како што ни потврди и градоначалникот, дека од Ковид-19 таму починале 120 лица, што е 4 пати повеќе од официјалниот број бидејќи луѓето што умираат дома и оние што умираат во старските домови речиси никогаш не се тестираат, па и не се појавуваат во официјалните статистики. Ако овој број на починати во Нембро одговара на 1,1 отсто заразени, значи дека околу 11 илјади од мештаните биле заразени со вирусот, но многу од нив не ни биле свесни за тоа бидејќи немале симптоми. Тие 11 илјади е точно бројот на сите луѓе што живеат во Нембро. Истиот принцип го применивме и на Италија - објаснува математичарот.

Продолжување на пресметката

Значи, на примерот од гратчето од Ломбардија, Форести дошол до процена на вкупниот број на заразени во Италија.

- До 27 март официјалниот број на починати од Ковид-19 беше 9.134. За да дојдеме до реалната бројка, помноживме со четири, значи починале вкупно 36.536. Ако починуваат само 1 отсто од заразените, значи дека овој број на починати одговара на број од 3.653.000 лица кај кои е утврден коронавирусот - вели Форести.


Понатаму тој дообјаснува како стигнале до 11 милиони.

Лука Форести
Фото: Telegram

Дали 11,2 милиони заразени е реално нешто?

- Да, сѐ уште не стигнавме до 11,2 милиони. Имено, знаеме дека просечното време од моментот кога едно лице ќе се зарази до моментот на смрт е 23 дена. Во меѓувреме, инфекцијата се шири. Значи, 3.653.000 е бројот на заразени од пред 23 дена. Проценувајќи го просечниот пораст на бројот на заразени од 5 отсто на ден, се доаѓа до 11.222.119 - вели математичарот.


Форести на крајот објаснува и како дошол до 5-отстотно зголемување на бројот на заразени во еден ден.

- И тоа е една многу конзервативна процена. Имено, знаеме дека официјалниот број на починати во последните денови растеше за околу 10 отсто дневно. Тоа значи дека пред 23 дена и бројот на заразени растел за 10 отсто на ден. Ја преполовивме таа стапка за да ги земеме предвид ефектите од мерките на заштита. Сепак, резултатот е многу голем број на заразени. Тоа можеме да го потврдиме со серолошко тестирање на населението или репрезентативни примероци на населението, што ни кажува кој е заразен со коронавирусот и ако нема симптоми. Таа пресметка е многу прецизна. Бројот на починати и бројот на позитивни што официјално се презентираат се само врв на ледената карпа во однос на оние реалните - вели Форести.


Зошто е важно да се знае бројот на заразени?

Експертот од Милано смета дека ваквата пресметка е важна за да може подобро да се реагира - поекстензивно да се тестира населението, да се најдат сите заразени и да се изолираат и да се утврдат оние што биле заразени, а не знаеле бидејќи тоа значи дека веќе се имуни.

Другата цел е да се утврди кои се многу ризични групи за да може постарите од 65 години или оние почувствителните да ги задржиме подолго дома, додека мерките за заштита би можеле да бидат поблаги за оние за кои вирусот е помалку опасен или се имуни.

- САРС беше посмртоносен, но помалку заразен и затоа можевме полесно да ги издвоиме заболените и да ги изолираме. Исто било и со азискиот грип, кој во Италија стигнал во 60-тите. Оној што ќе се заразел веднаш кревал температура од 40 степени и останувал дома и не ја ширел епидемијата. Но, Ковид-19 не е толку смртоносен за дел од популацијата која, меѓутоа, главно го шири без воопшто да е свесна за тоа. Истовремено е многу смртоносен за друг дел од популацијата и затоа имаме голем број мртви и тежок здравствен проблем - истакна Форести.



Автор: Ана Раиќ Кнежевиќ
Извор: Telegram
Насловна фотографија: Pixabay