Основци од Карпош пет дена беа вистински научници – правеа огномети, создаваа минерали, еколошки лепила од млеко

Основци од Карпош пет дена беа вистински научници – правеа огномети, создаваа минерали, еколошки лепила од млеко

Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Психолозите најдобро знаат што значи кога ќе постигнете WOW ефект кај децата. И кога учениците после часови не сакаат да си одат дома, туку сакаат да останат за да им дадете уште нешто друго да работат, вели Александра Блажевска, наставничка по хемија во училиштето „Јан Амос Коменски“


Еколошко лепило од млеко, како да создадете кристали во лабораториски услови или пиротехнички експерименти и нивните хемиски реакции. Основци од скопската населба Карпош минатата недела беа вистински научници. Тие учествуваа на фестивалот за промоција на STEM-образованието (наука, техника, инженерство и математика). Базата на фестивалот беше во училиштето „Јан Амос Коменски“ под мотото It is Cool to be STEM. Резултат – ученици кои не сакаат да си одат дома и бараат од наставниците уште една задача, вели Александра Блажевска, наставничка по хемија во „Коменски“.


Млади и надежни палеонтолози

- Фестивалот опфати работилници, експерименти, посети на институции, интервјуа со професионалци. Беа вклучени ученици од сите десет училишта на територијата на Општина Карпош. Тие дојдоа во допир со природните науки на еден поинаков, интерактивен начин. Сами изведуваа експерименти од различни области на природните науки – објаснува Блажевска.

Како реагираат учениците кога ќе им ја претставите науката на поинаков начин? Кога зборот палеонтологија не треба да го набубаат, туку коски од одамна изумрени животни внимателно ќе ископуваат од земјата.
- Психолозите најдобро знаат што значи кога ќе постигнете WOW ефект кај децата. И кога учениците после часови не сакаат да си одат дома, туку сакаат да останат за да им дадете уште нешто друго да работат. И ве прашуваат кога повторно ќе прават експерименти. Најмногу беа заинтересирани да прават експерименти од хемија со различни ефекти, бои и звуци – раскажува Блажевска.

Вака се одвиваше наставата.


Како се создаваат кристали

Тајните на кристалите. Во работилницата 20 деветтоодделенци од десет училишта правеле неколку експерименти во кои создале кристали и ги истражувале со електронски микроскоп.

Меѓуученичко учење. Седмоодделенци преку драматизација за главните органи ги подучувале учениците од четврто одделение како функционираат главните органи на човековото тело. И тоа на забавен и интерактивен начин.


Органите во човековото тело

Јас сум научник – палеонтолог. Ученици од петто одделение, во улога на палеонтолози, имале задача да се справат со куп коски добиени од ископување (коските не биле вистински, туку исечени од хартија). Наставничката Блажевска вели дека било забавно и мотивирачко да се гледаат децата како упорно се обидуваат да го состават скелетот на непознатото животно. Дискутирале како изгледало врз основа на скелетот, како се хранело, како се движело и слично. Децата покажале одлични перформанси во улогата на научници. Особено што имале извонредни логични констатации врз основа на податоците што им биле дадени.

Посета на Природно-математичкиот факултет. Проф. д-р Петре Макрески на учениците им ја претставил минеролошката збирка на Институтот за хемија и ги запознал со волшебниот свет на минералите и кристалите во Република Македонија. Тој им ги претставил можностите и придобивките од изучувањето на хемијата, им објаснил кои професии се поврзани со оваа наука.


И од млеко се прави лепило, ама еколошко

Лепило од млеко. Третоодделенци во улога на млади технолози направиле еколошко лепило од млеко. На почетокот не верувале дека е возможно. „На големо задоволство на сите успешно создадоа продукт“, раскажува Блажевска. Лепилото го искористиле за да залепат слика со помош на сложувалка.

Хемијата на пиротехниката. Осмоодделенци сами направиле по неколку пиротехнички експерименти. Децата проследиле и мал пиротехнички спектакл и се запознале со хемиските реакции. Разговарале со проф. д-р Методија Најдоски од Институтот за хемија.


Наставничката Александра Блажевска: Целта е да мотивираме што повеќе ученици

Според Блажевска, идејата за фестивалот е одговор на европските иницијативи за промовирање на STEM-образованието. Организатори кај нас беа Креативниот центар Карпош (КЦК) - партнер на европската STEM-алијанса. Блажевска е претседателка на Центарот и scientix-амбасадор, проект раководен од European Schoolnet Academy.
- STEM-алијансата е европски проект кој ги доближува индустрија и училиштата, истражувачите од областа на образованието и креаторите на образовните политики. Целта е да се подобрат наставните програми за да се создава соодветен кадар за потребите на индустријата. Во моментот во оваа иницијатива има повеќе од 500 регистрирани настани, од 30 земји. Вклучени се повеќе од 10.000 ученици, меѓу кои и ние од Македонија – вели Блажевска.


Задоволството на учениците е најголемата награда

Таа би била најсреќна ако фестивалот прерасне во традиција и се прошири низ други училишта во земјава.
- Целта е што повеќе ученици да бидат мотивирани за учење. Овие воннаставни активности исклучително ги мотивираат учениците да ги изучуваат природните науки. Не е едноставно да се организираат сите овие работилници - бара вложување труд, трпение и стратегија. Сепак, задоволството што го гледате кај учениците е најголемата награда и признание што може да го добиете – вели Блажевска.