Големите технолошки компании веќе не се работни места од соништата

Големите технолошки компании веќе не се работни места од соништата

Подготвил: Тамара Гроздановски

Во текот на студирањето многумина сонуваат да работат во големи технолошки компании како „Гугл“, „Мајкрософт, „Амазон“, „Епл“ и други. За нив тоа е работа од соништата која гарантира работа на интересни проекти, големи приходи и одлични услови за работа. Но, како што нагласуваат експертите на пазарот на труд, ситуацијата во последно време е променета и вработувањето во вакви компании веќе не се гледа како работа од соништата.

И покрај фактот што технолошките компании продолжуваат да остваруваат рекордни приходи и за некои нивната пазарна вредност е поголема од два билиони долари, една од константите на овој пазар во последно време е отпуштањето на работниците. Минатата година во технолошкиот сектор оваа бројка изнесуваше повеќе од 263 илјади, а истиот тренд продолжи и во првите три месеци од годинава, кога повеќе од 75 илјади луѓе во технолошките компании останаа без работа.

-За жал, отпуштањата стануваат новото нормално - вели Џеф Шулман, професор на Фостер школата за бизнис на Универзитетот во Вашингтон, нагласувајќи дека компаниите денес наместо да ги наградуваат своите вработени кои овозможиле таков раст и зголемен приход, сега тие го потенцираат растот на профитот.

Отказите во технолошката индустрија влијаеја и на промените во начинот на размислување на некои студенти кои по завршувањето на факултетот повеќе не бараат работа во технолошките компании. Од крајот на 2021 година до септември 2023 година, уделот на дипломирани студенти од технолошки факултет кои аплицирале за работа во големите технолошки компании се намали за повеќе од 30 отсто, според сајтот за барање работа на студенти „Хендшејк“.

Кристин Крузверга од „Хендшејк“ ги објасни веројатните причини зошто се случува ова: Дел од причините е тоа што стабилноста е многу голем фактор во одлуките на студентите за видот на работните места на кои аплицираат и видовите на работни места што ги прифаќаат. Таа додаде дека и тие ги следат вестите и гледаат наслови со чести известувања за отпуштања во технолошките компании, што влијае врз нивните одлуки.

Масовните отпуштања го однесоа сјајот на технолошката индустрија, објаснува Ерик Толоти од „Сноуфлејкс“, кој минатата година беше отпуштен од „Мајкрософт“ и сега им препорачува на сите кои бараат работа да не се фокусираат само на една компанија и да мислат дека таму мора да се вработат, туку треба да бидат реални и да истражуваат повеќе можности и опции.

Извор: Zimo.dnevnik.hr
Фото: Wikipedia