Даниел Христов освои бронзен медал на Менделеевата олимпијада по хемија во Русија: „Кај хемичарите не постои не можам“

Даниел Христов освои бронзен медал на Менделеевата олимпијада по хемија во Русија: „Кај хемичарите не постои не можам“

Подготвил: Жанета Здравковска

Лектор: Ивана Кузманоска

„Освоениот бронзен медал е доказ дека секој труд, вложување и секоја непроспана ноќ помината во учење на крајот се исплаќа“, вели матурантот.

Во голема конкуренција од 160 учесници од приближно 40 држави, Даниел Христов, матурнат од штипската гимназија „Славчо Стојменски“, успеа да освои бронзен медал на 60. Интернационална Менделеева олимпијада по хемија, која од 15 до 23 април се одржа на факултетот „Ломоносов“ во Москва, Русија.

Даниел, кој е вљубен во хемијата, особено органската, вели дека за него било значајно тоа што јубилејната Олимпијада се одржала во Москва, на местото каде што и започнала пред шест децении, што ѝ дало дополнително историско значење.

- Русија како земја има големо значење за хемијата, оттаму излегле многу брилијантни научници и откритија, вклучително и Дмитриј Менделеев, по кого е именувана и самата Олимпијада. Тоа направи да се чувствувам уште поблизок до хемијата додека се натпреварував - вели Даниел.



Смирен дури и при опасни ситуации во лабораторија

Од мал се интересирал за природните науки, но љубов кон хемијата развил кога почнал да ја проучува на подлабоко ниво. Го фасцинирало тоа што од едни појдовни супстанции можат да се добијат сосема други. Кога почнал поинтензивно да работи во лабораторија, дури и во предизвикувачки ситуации, секогаш останувал смирен и внимателен. Дури и кога било опасно, чувството на адреналин при справување со предизвиците, заедно со одговорноста, дополнително го мотивирало.

- Ми се допаѓа што хемијата бара од човекот да размислува длабоко и аналитички, а не само површински. Со добро познавање на основните концепти, секогаш може да се дојде до адекватно решение на даден проблем - со други зборови, кај хемичарите не постои „не можам“. Моментално, од сите области на хемијата најмногу ме привлекува експерименталната и истражувачка работа, особено синтетичката, а најмногу органската хемија. Оваа област овозможува создавање на нови соединенија со практична примена во медицината, индустријата и секојдневниот живот - вели Христов.



Долга селекција за да се изберат најдобрите ученици за Олимпијадата

На Олимпијадата во Русија беше дел од македонскиот тим од четворица натпреварувачи, како и тим-лидер од Природно-математичкиот факултет од Скопје. Натпреварот беше особено тежок, што е очекувано со оглед на тоа што станува збор за Олимпијада од висок ранг. Селекцијата започнала многу порано. Првото ниво биле општинските, регионалните и државните натпревари организирани од Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија. Најдобрите ученици биле повикани на квалификационен, а потоа уште на два селекциони натпревари и од четворицата со најдобри резултати бил составен македонскиот тим за интернационалната олимпијада.

- Овој процес не само што бара знаење, туку и дисциплина, истрајност и вистинска посветеност кон хемијата. Мои ментори за Олимпијадата беа професорите од ПМФ, односно Институтот по хемија, кои ме подготвуваа за овој натпревар. Голем дел од заслугата за постигнатиот успех им припаѓа ним. Нивната поддршка и знаење беа клучни за мојот напредок и успех на интернационално ниво - вели Даниел.



На натпреварот во Москва правел дури 4 експерименти

Натпреварот во Москва се состоеше од три натпреварувачки дена. На 17 април првиот теоретскиот тест, на 19 април експерименталниот дел.

- Експериментите беа креативни и интересни. Генерално, беа поврзани со флуоресценција. Еден од експериментите беше синтеза на флуоресцеин, додека два експеримента беа титрации кај кои завршната точка се определуваше со помош на флуоресценција. Четвртиот експеримент вклучуваше одредување на пиран во екстракт од маркер - појаснува Даниел.



На 20 април 2026 год. се одржал вториот теоретски дел од органска, неорганска, аналитичка и физичка хемија, како и наука за животот и полимери. Од секоја област им биле понудени по 5 проблеми, од кои требало да изберат по еден и да го решат. Даниел додава дека овој формат на натпревар бара не само знаење, туку и способност за избор на стратегија и добро искористување на времето.

Бронзениот медал го посветува на роднина што починала, но го поддржувала

Освоениот бронзен медал за него претставува доказ дека секој труд, вложување и секоја непроспана ноќ помината во учење на крајот се исплаќа.

- Го посветувам на две личности. Првата е малиот Даниел во мене, кој секогаш сонуваше и никогаш не се откажуваше, дури ни во најтешките моменти. Втората личност е една моја роднина која, за жал, повеќе не е меѓу нас, но секогаш ме поддржуваше и веруваше во мене и во моето знаење по хемија. Овој медал за мене не е само успех, туку и потсетник да продолжам понатаму со истата посветеност - вели гимназијалецот.



Во иднина сака да придонесе во развојот на нови лекови

Даниел е матурант и размислува да студира, а и понатаму во животот да се занимава со хемија.

- Хемијата би ја искористил како алатка за подобрување на здравјето и квалитетот на животот. Во иднина би сакал да придонесам во развојот на нови лекови кои би помогнале во лекување болести и би имале позитивно влијание врз човештвото. Верувам дека преку науката и истражувањето може да се направат значајни чекори кон подобар и поздрав иден свет - вели Христов.

Ова не е негов прв меѓународен успех. Бронзен медал освои уште како гимназијалец во прва година на 19. Меѓународна јуниорска олимпијада по природни науки (IJSO 2022), која се одржа во Богота, Колумбија.



Фото: приватна архива

Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или од платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само на првата третина од текстот, со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица. Факултети.мк ги почитува професионалните/етичките стандарди, Кодексот на новинарите и Принципите на Меѓународната федерација на новинарите.