Дали визирите навистина нудат поголема заштита од маските?

Дали визирите навистина нудат поголема заштита од маските?

Подготвил: Драгана Петрушевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Веќе со месеци се соочуваме со пандемијата на коронавирусот и не е необично да се видат луѓе со маски или друга заштита на лицето во јавност. Луѓето почнуваат да експериментираат и со други опции за покривање на лицето, како заштитни визири.

На почетокот од пандемијата визирите ги гледавме само на фотографии од здравствени работници. Но, како и маските за лице, тие сега може да се забележат и кај другите граѓани. Дали носењето визир нуди поголема заштита и дали е добра идеја да се носи?

Експертите се согласуваат дека визирите може да понудат некаква заштита. Главната цел на заштитата за лице е да се спречи влегувањето на потенцијално заразени капки во вашите уста, нос или очи. Додека маските ги заштитуваат устата и носот и ве спречуваат да го пренесете вирусот со рацете доколку го допирате лицето, визирот ги заштитува и очите.


Фото: Unsplash

Докторите се сомневаат дека некои луѓе можеби го добиле коронавирусот преку очите, иако овој начин на пренесување сè уште не е докажан. Досегашните истражувања на сезонскиот грип покажуваат дека визирите го блокираат вдишувањето на мали заразени капки. Но, експертите не се целосно убедени дека носењето визир во јавност е добра идеја бидејќи има многу непотврдени теории во врска со заштитата што тој ја нуди во поглед на коронавирусот.

Лекарот Стивен Бергер објаснува дека пластичните визири не го филтрираат воздухот и во најдобар случај ги блокираат само поголемите капки. Според него, визирот може да даде лажно чувство на безбедност и да го поттикне тој што го носи да не ги почитува правилата за физичко дистанцирање. Тој посочува дека за да биде целосна заштитата, лицето треба да носи и маска за лице која го филтрира воздухот.

Експертите повторуваат дека е најдобро да се почитуваат мерките за физичко дистанцирање и да се носи заштитна маска или слична заштита за устата и носот, но и да се одбегнуваат групни собирања и да се води редовна хигиена на рацете.


Фото: Unsplash

Визирите може да се користат доколку сакате дополнителна заштита, особено доколку се наоѓате во ризична ситуација во која се грижите за заболен од Ковид-19 и слично. Визирот може да биде од помош и при вежбањето надвор, доколку не се чувствувате удобно носејќи маска. Другата добра страна на визирите е нивното полесно производство за потребите на здравствените работници.

Според Деби Гоф, професор по фармација на универзитет во Охајо, визирите може да станат новата норма бидејќи е тешко да го допирате лицето додека носите визир. Освен тоа, тие може да се носат повеќекратно. Конечно, кога не се носи маска, со визирите може да се видат фацијалните изрази, а ова е многу важно за луѓето со оштетен слух.

Како правилно да носите визир?

Доколку се одлучите да носите визир, треба да запомните неколку работи. Пластиката на визирот треба да покрива површина која ќе ги вклучи и вашите уши и брадата. Не треба да има празен простор помеѓу челото и главата.

Кога одбирате визир, одлучете се за некој што е удобен, што може да се користи повеќе пати и лесно се чисти.

Откако ќе го отстраните визирот, не допирајте ја предната страна од визирот пред да ја измиете со вода и сапун.

Автор: Џулија Малакоф
Извор: instyle.com