Ангела Маџирова освои втора награда на „Американ протеже“, ја чека настап во „Карнеги хол“

Ангела Маџирова освои втора награда на „Американ протеже“, ја чека настап во „Карнеги хол“

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

Ангела Маџирова од Богданци учествуваше на натпреварот „Американ протеже“ (American Protégé – International Vocal Competition) и освои втора награда во категоријата бродвеј, па сега ја чека настап во познатата концертна сала „Карнеги хол“ во Њујорк.

- Во голема конкуренција, учесници од тринаесет различни држави од целиот свет се натпреваруваа во четири категории: оперска арија, класичен репертоар, бродвеј/мјузикли/џез и фолклор. Јас се натпреварував во бродвеј/мјузикли/џез категоријата. Изведував три песни од бродвејски мјузикли: „On My Own” од мјузиклот „Les Misèrables“, „She Used To Be Mine” од „Waitress“ и „The Worst Pies In London” од „Sweeney Todd: The Demon Barber Of Fleet Street“. Натпреварот се одвиваше онлајн, односно со испраќање снимки од моите изведби кои ги снимав во Домот на култура „Бранд Петрушев“ - Богданци - објаснува Ангела.



Доколку не се сеќавате која е Ангела, само ќе ве потсетиме дека таа е девојката од Богданци која свири на клавир, гитара, укулеле, пее и компонира и многумина ја помнат по нејзината композиција за соло-пијано со тема од народната македонска песна „Сербез Донка“.

За натпреварот, Ангела се подготвувала под менторство на професорката Ана Костадиновска.



- Возбудена сум и среќна и одвај го чекам заминувањето за Њујорк. Наградата ми претставува ветер во грб во однос на моите идни планови на професионално поле - среќно ни кажа младата талентирана музичарка.



Поради пандемијата, „Карнеги хол“ моментално е затворена и не се знае кога точно Ангела ќе настапи таму, но се знае дека ќе биде следната, односно 2022/2023 сезона.

Ја запрашавме и со што планира да настапи.

- Сè уште не сум одлучила, но во секој случај ќе настапувам со една од трите песни со кои се натпреварував. Оваа награда е од најголемо значење за мене и ми претставува огромна чест што имам можност да настапувам во најреномираниот концертен комплекс „Карнеги хол“ - рече Ангела.

Ангела потекнува од Богданци. Таа е редовен ученик во ПСУ „Јахја Кемал“ - Скопје и вонреден ученик во ДМУЦ „Сергеј Михајлов“ - Штип. Ангела е редовен член во женскиот камерен хор „Св. Злата Мегленска“, а исто така ја посетува Академијата за естрадно пеење „Ѕвездички“. Свири на клавир од седумгодишна возраст и членува во Фолклорниот ансамбл „Мегдан“ веќе осум години.

Насловна фотографија: Боки Марков