Европско гратче во кое луѓето буквално живеат под карпа: Глетка која изгледа како од бајка

Европско гратче во кое луѓето буквално живеат под карпа: Глетка која изгледа како од бајка

Постојат места кои го одземаат здивот со природата, некои освојуваат со историјата, а некои изгледаат толку нестварно што делуваат како да припаѓаат на светот на фантазијата. Токму таков е Сетенил де лас Бодегас, мало шпанско гратче во кое куќите не се градени покрај планината, туку под неа.

Ова единствено место во покраината Кадиз, на југот на Шпанија, е дом за околу 3.000 жители, но секоја година привлекува илјадници туристи кои сакаат да видат како изгледа животот буквално „под камен“.

Куќи скриени под огромни карпи

Најголемата атракција на Сетенил се улиците над кои надвиснуваат огромни карпи, создавајќи природни покриви над куќите, рестораните и кафулињата.

Населбата настанала во клисурата која во текот на илјадници години ја обликувала реката Гвадалпоркун, а жителите ги искористиле природните пештери и вдлабнатини во карпите за да ги изградат своите домови. На многу места се чини како планината да лебди над улиците, оставајќи им на посетителите впечаток дека се наоѓаат во сценографија на научнофантастичен филм.

Една од најпознатите улици е Калје Куевас де ла Сомбра („Улица на пештерите во сенка“), каде што огромна карпа речиси целосно ја покрива улицата, оставајќи само доволно простор за поминување на луѓето.

Историја долга со векови


Сетенил не е интересен само поради необичната архитектура. Над градот се наоѓа Арапската тврдина од 12 век, подигната во времето кога со овој дел на Шпанија владеел Алмохадскиот калифат. Од ѕидините на тврдината има поглед кон целото село и на зелената долина која го опкружува.

Градот има дури пет цркви, што е импресивна бројка со оглед на неговата големина. Најзначајна меѓу нив е црквата Нуестра Сењора де ла Енкарнасион, подигната на темелите на некогашна џамија. Нејзината архитектура претставува спој на готски и ренесансен стил и сведочи за бурната историја на овој крај.

Рај за љубителите на добра храна

Освен по необичната архитектура, Сетенил е познат и по гастрономијата. Локалните ресторани нудат традиционални специјалитети на Андалузија, меѓу кои доминираат различни производи од свинско месо, домашен чоризо, кајгана со диви шпаргла, како и десерти од сладок компир и мед.

Градот е познат и по земјоделството - токму оттука со овошје и зеленчук се снабдува и познатиот близок град Ронда, како и други места во околината.

На платформите како „Трипадвајзер“ посетителите често го опишуваат Сетенил како „скриен скапоцен камен на Андалузија“ и едно од најнеобичните места во Европа.

Спојот на природата, историјата и архитектурата го прави единствен пример за тоа како луѓето можат да се прилагодат на опкружувањето наместо да го менуваат.

Извор: BIZlife.rs
Фото: Wikipedia