Не ве радуваат работите што некогаш сте ги сакале? Психолозите објаснуваат зошто
Некогаш едвај го чекавте викендот, дружењето со пријателите, омилената серија или прошетката. Денес ништо од тоа не ве радува. Ќе ги завршите обврските, ќе се насмеете кога треба, но чувството на задоволство како да исчезнало. Многумина ќе помислат дека се само уморни или под стрес, меѓутоа, психолозите предупредуваат дека долготрајната анксиозност може постепено да ја угаси способноста на мозокот да доживува задоволство. Оваа состојба се нарекува анхедонија и е многу почеста отколку што се мисли.
Анксиозноста и губењето на задоволството се хранат едно со друго
Поголемиот дел од луѓето ја доживуваат анксиозноста како постојана загриженост или напрегнатост. Меѓутоа, кога таа трае со месеци, не ја исцрпува само психата, туку и организмот. Експертите објаснуваат дека тогаш се создава маѓепсан круг. Колку е поанксиозен човекот, толку помалку има волја да ги прави работите што претходно му носеле задоволство. Истовремено, токму отсуството на пријатни искуства дополнително ја влошува анксиозноста и го зголемува ризикот од депресија.
Што е анхедонија?
Анхедонија не е само лошо расположение, ниту минлив пад на мотивацијата. Станува збор за состојба во која лицето повеќе не чувствува задоволство во активностите што претходно му биле пријатни. Тоа може да биде дружењето со семејството, омилената храна, физичката активност, хобито, музиката, патувањата или интимните односи. Некои луѓе повеќе воопшто не чувствуваат задоволство, додека други велат дека знаат дека нешто би требало да ги радува, но тоа чувство едноставно изостанува.
Што се случува тогаш во мозокот?
Современите истражувања покажуваат дека анхедонијата не е само психолошки проблем. Во нејзиното настанување учествуваат и промени во системите што ги регулираат допаминот, серотонинот и кортизолот.
Допаминот учествува во мотивацијата и чувството на награда, серотонинот во регулацијата на расположението, додека покачениот кортизол, хормонот на стрес, дополнително го отежнува нормалното функционирање на системот на задоволство. Поради тоа, луѓето често имаат впечаток дека ништо повеќе не им е доволно интересно или вредно за труд.
Зошто некои посегнуваат по храна, алкохол или телефон?
Кога природните извори на задоволство ќе престанат да функционираат, многумина несвесно почнуваат да бараат брзи решенија. Некој јаде повеќе од порано, некој поминува часови на социјалните мрежи, некој посегнува по алкохол или други форми на зависничко однесување.
Проблемот е што таквите „кратенки“ краткотрајно го активираат системот на награда, но долгорочно ја влошуваат анхедонијата и создаваат потреба за сè посилни стимуланси.
Ни лековите не се решение
Антидепресивите и лековите против анксиозност на многу луѓе значително им помагаат и некогаш се неопходни. Меѓутоа, експертите нагласуваат дека тие сами по себе не можат да го вратат задоволството во секојдневниот живот ако не се менуваат обрасците на однесување и начинот на соочување со стресот.
Со други зборови, лекувањето на симптомите е важно, но еднакво важно е повторно да се „научи“ мозокот да ги препознава малите извори на задоволство.
Задоволството не е луксуз, туку потреба
Психолозите сè повеќе зборуваат за концептот на здрав хедонизам, кој нема врска со претерување или себичност. Станува збор за тоа секојдневно свесно да правиме простор за малите моменти што прават да се чувствуваме попријатно – прошетка, разговор со пријателите, музика, престој во природа, посета на СПА-центар, физичка активност или омилено хоби.
Истражувањата покажуваат дека таквите навики можат да му помогнат на мозокот постепено да го обнови системот на награда и да го прекине маѓепсаниот круг на анксиозност и губење на задоволството.
Кога треба да се побара помош?
Ако со недели или месеци не чувствувате задоволство во ништо што претходно ве радувало, ако ве следи постојана анксиозност, безволност или чувство на празнина, важно е да разговарате со психолог или психијатар.
Губењето на способноста да се ужива во животот не е знак на слабост, ниту нешто што треба да се прифати како „нормален дел од стресот“. Тоа може да биде еден од првите знаци на нарушување кои успешно се лекуваат кога ќе се препознаат навреме.
Фото: magnific