Наставникот Иле Михајловски собира донации во училиштен прибор
Иле Михајловски, одделенски наставник во „Кирил и Методиј“ во Свети Николе започна иницијатива на социјалните мрежи за собирање училиштен прибор за деца од ранливи категории. Ја почна со сопствен пример, а досега, како што вели, има десетина заинтересирани донатори. Доколку собере доволно, освен во неговиот град, училишниот прибор ќе го распредели и на ученици во други градови. Михајловски е еден од најдобрите избрани наставници на Балканска конференција на наставници од екс-ју државите. Ова е дел од неговата порака:
„Нема да зборувам за неизвесноста што Ковид-19 силно ја рефлектира врз почетокот на учебната година. Нема да зборувам за формата на почетокот на учебната година. Уште помалку ќе зборувам за труењето по социјалните мрежи каде што ставот сакам - не сакам онлајн-настава се менува побрзо од трепкањето на очите. Не сакам да зборувам за компјутери, таблети, паметни телефони. Ете, не сакам за ова да зборувам оти премногу „мудрости“ се изначитав веќе еден месец на оваа тема. Ама никаде не прочитав за она за кое мене ми се зборува СИЛНО!
Изгледа себичноста ни е најсилната карактерна црта како народ, па не видов, ниту слушнав некој да поттикне да се зборува за она што веројатно не се трудиме да го видиме, постојано ни е пред очи или, пак, како трн нè боцка в очи, па го тргаме погледот.
Заборавивме ли колку деца имаме во нашето општество на кои најголемата радост им е насушниот леб и полното стомаче. Заборавивме ли на колку деца гладот им е најсилното чувство секој ден! На колку деца топлиот дом и покривот над глава им се најголемата насмевка и сигурност. На колку деца силно им недостига родителската прегратка, љубов и присуство! Ете, за овие деца ми се зборува!!!“
Прочитајте повеќе на
Деца.мк.