Виена забрани да се внесуваат електрични тротинети во трамваите и автобусите, казната е 50 евра
Од денеска во Виена стапи во сила нов закон со кој се забранува внесување електрични тротинети и преклопливи електрични велосипеди во трамваите и автобусите.
Во подземната железница електричните тротинети ќе можат да се внесуваат само надвор од најголемите метежи во јавниот превоз. И тоа во работните денови од 9 до 15 часот и навечер од 18:30 до крајот на возењето, а тоа е околу 0:30 часот по полноќ.
Во викендите и празниците нивниот превоз во подземната железница е дозволен во текот на целиот ден.
За оние што ќе ги прекршат новите правила, предвидена е парична казна од 50 евра. Паричната казна се однесува и на оние што нема да ја почитуваат забраната за возење електричен или обичен тротинет на пероните на средствата за јавен превоз, која веќе подолго време е во сила.
Обичните, преклопливи тротинети кои не се на електричен погон, кои зафаќаат помалку простор, и понатаму ќе можат да се внесуваат во сите средства на виенскиот јавен превоз, без ограничување на времето. Новите правила се резултат на анализата на виенското претпријатие за јавен превоз „Винер линиен“ и информациите и поплаките од патниците, кои покажаа дека електричните тротинети, особено во преполни возила во сообраќајните шпицови, зафаќаат простор и го отежнуваат влезот и излезот на патниците од возилата. Со овој потег тој проблем би требало да биде решен или значително ублажен.
Советничката надлежна за сообраќај во австрискиот главен град, Ули Сима, изјави дека виенското Градско претпријатие за јавен превоз „Винер линиен“ секојдневно превезува речиси 2,5 милиони патници и затоа се важни јасните правила.
- Нашиот јавен превоз е ‘рбетот на климатски прифатливата мобилност. За милиони патници секојдневно да можат безбедно и пријатно да патуваат, потребни се јасни правила за сите. Со новите правила се обезбедува повеќе простор во возилата и се придонесува за подобро функционирање на автобусите, трамваите и подземната железница. Во текот на најголемите метежи е тесно, а електричните тротинети зафаќаат значителен простор и можат да претставуваат опасност од сопнување - истакна Сима.
Фото: magnific