Дрвјата денес се поголеми од порано поради јаглеродниот диоксид

Дрвјата денес се поголеми од порано поради јаглеродниот диоксид

Подготвил: Драгана Петрушевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Ново истражување покажува дека дрвјата денес се поголеми отколку во минатото. Истражувањето спроведено од научници од државниот универзитет во Охајо покажува дека дрвјата стануваат сè поголеми поради јаглеродниот диоксид.

Според наодите, растечкото ниво на јаглероден диоксид во атмосферата довело до поголем волумен на дрвјата во 10 различни шумски групи низ земјата. Други фактори, како климата или инсектите, исто така, може да влијаат врз волуменот на дрвјата.

- Шумите го користат јаглеродниот диоксид од атмосферата со стапка од околу 13 отсто од вкупните емисии - изјавил Брент Сонген, еден од авторите на истражувањето.

- Додека испуштаме милијарди тони јаглероден диоксид во атмосферата, всушност, вадиме дел од него само со тоа што ги пуштаме нашите шуми да растат - додал тој.

Според истражувањето, волуменот на дрвјата значително пораснал од 1970 до 2015 г., што одговара со растот на емисиите на јаглероден диоксид.

Дрвјата растат повеќе поради процес поттикнат од зголемувањето на јаглеродниот диоксид во атмосферата кој предизвикува зголемено ниво на фотосинтеза кај дрвјата.

Извор: Interesting engineering
Насловна фотографија: Pixabay