Италија и Швајцарија ја менуваат границата поради климатските промени
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Швајцарија и Италија менуваат дел од својата граница на Алпите поради топењето на глечерите предизвикано од климатските промени. Дел од границата ќе се наоѓа под Матерхорн, една од највисоките планини во Европа, во близина на многу популарни скијачки центри.
Големи делови од швајцарско-италијанската граница се дефинирани со глечери или области со вечен снег, но топењето на глечерите предизвика овие природни граници да се поместат, што ги натера двете земји да бараат промена на границата. Швајцарија официјално го одобри договорот за промена во петокот, но Италија допрва треба да го стори тоа. Ова следува по нацрт-договорот на мешовитата швајцарско-италијанска комисија од мај минатата година.
Огромни загуби на волуменот на глечерите
Статистиката објавена минатиот септември покажа дека глечерите во Швајцарија изгубиле 4 отсто од нивниот волумен во 2023 година, што е втора најголема загуба по рекордното топење од 6 отсто во 2022 година.
Секоја година Швајцарија објавува извештај за мониторинг на глечерите, во кој се наведени рекордните загуби на последователните топли лета и малку снег во 2022 година. Истражувачите велат дека топењето ќе се забрза само ако продолжат овие временски обрасци.
Швајцарија во петокот објави дека редефинираните граници се изготвени во согласност со економските интереси на двете страни. Се смета дека промената на границите ќе им помогне на двете земји да одредат кој е одговорен за одржување на одредени природни области.
Швајцарско-италијанските граници ќе бидат променети во близина на Матерхорн и популарните скијачки центри, вклучувајќи го и Цермат. Точните промени на границите ќе бидат објавени во договорот откако двете земји ќе го потпишат.
Мала е веројатноста дека глечерите можат да се спасат
Од Швајцарија велат дека Италија е во процес на одобрување за потпишување на договорот. Минатата година Гламос предупреди дека некои швајцарски глечери се намалуваат толку брзо, што веројатно нема да можат да се спасат, дури и ако глобалните температури се одржуваат во рамките на целта од 1,5 Целзиусов степен според Парискиот климатски договор.
Експертите велат дека без намалување на стакленичките гасови поврзани со глобалните промени, поголемите глечери како Алеч би можеле да исчезнат за една генерација. На швајцарските глечери во последните години се направени многу откритија поради нивното топење и брзото собирање.
Во јули минатата година беше потврдено дека човечките останки пронајдени во близина на Матерхорн припаѓаат на германски алпинист кој исчезнал во 1986 година. Алпинистите што го преминале глечерот Теодул над Цермат забележале планинарска чизми и дерези кои излегувале од мразот.
Во 2022 година остатоците од авионот што се урнал во 1968 година се појавиле од глечерот Алеч, а телото на исчезнатиот британски алпинист Џонатан Конвил било откриено во 2014 година од пилот на хеликоптер кој забележал нешто необично додека доставувал материјали во планинарскиот дом на Матерхорн.
Извор:
Index.hr
Фото: Freepik