Еден златен, два бронзени медали и една олимписка пофалба за Македонија на Балканската олимпијада по информатика
Уште едно извонредно претставување на македонските средношколци – информатичари како продолжение на уште една успешна година за Македонија на олимпијадите по информатика. На 32. по ред Балканска олимпијада по информатика (БОИ 2025), која од 25 септември до 1 октомври се одржува во Удине, Италија, нашите ученици постигнаа нов значаен успех.
Македонскиот тим на овој престижен меѓународен натпревар во програмирање, составен од учениците Дамјан Давков од Штип, Леонид Цуклев од Гевгелија, Виктор Максимоски од Гостивар и Владимир Грчев од Кочани, предводени од лидерите, д-р Емил Станков и Благојче Павлески од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), освои еден златен и два бронзени медали. Заедно со овие три, македонските ученици на меѓународните информатички олимпијади во текот на 2025 година досега освоија вкупно два златни, два сребрени, четири бронзени медали и четири олимписки пофалници – резултат достоен за респект, недостигнат и од многу поголеми држави од Македонија.
Балканската олимпијада по информатика (БОИ) е врвниот натпревар во програмирање за средношколци од земји кои се наоѓаат на или околу Балканскиот Полуостров.
На годинешното издание на БОИ учествуваат вкупно 48 од најдобрите средношколци во областа на компјутерските науки од следните земји: Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Кипар, Грција, Италија, Македонија, Молдавија, Романија, Србија, Словенија и Турција. Дополнително, како претставници на земји гости на БОИ, во неофицијална конкуренција учествуваат и 18 ученици од Швајцарија, Украина, Саудиска Арабија и Киргистан. Во ваква силна конкуренција, златниот медал за Македонија го освои Дамјан Давков, а бронзените медали ги освоија Владимир Грчев и Леонид Цуклев. Четвртиот наш натпреварувач Виктор Максимоски освои признание, олимписка пофалба.