Маските се само привидно оружје кое ги одржува во живот, нивната умствена сила е всушност главната причина зошто до денес останаа едно од најстарите и најпосебни племиња во светот.
Во источниот планински предел на Папуа Нова Гвинеја се сместило интересно племе кое им влева страв во коските на сите оние што никогаш не ги запознале. „Луѓето од кал“ или Холоса, што во буквален превод значи дух, се познати по нивните страшни глинени маски украсени со свински заби и школки.
Ова географско подрачје е познато по многубројните племиња чии обичаи, навики и ритуали предизвикуваат голем интерес кај околината. Низ неколку генерации во историјата, племето Асаро било загрозено и уплашено. Нивната безбедност секојдневно ја загрозувало посилно племе и биле на работ на пропаст. Војната речиси ги уништила.
Во тој момент на немоќ, еден старешина сонил сон во кој видел застрашувачки сив дух. Следното утро се разбудил со брилијантна идеја - направил маска која потсетувала на страшниот дух од неговите сништа.
Кога непријателите повторно го нападнале нивното село, старешината скокнал пред нив со глинена маска на главата, а непријателите од страв побегнале и повеќе не се вратиле. Мислеле дека наишле на духови од луѓето што ги убиле во минатото и дека сега ги стигнала крвавата рака на судбината.
„Празните личности не заслужуваат опстанок на овој свет“
Од моментот кога Асаро Мадмен го спасил своето племе, нивната главна животна филозофија е дека силата се јавува од човечката фантазија, која треба постојано да ја развиваме. Луѓето што не работат на својата фантазија се празни личности кои не заслужуваат опстанок на овој свет. Малку екстремно, сметаат многумина, но ваквото гледање на светот е единствената причина поради која Асаро сѐ уште се држи.
Креативноста на ова племе е видлива и во нивниот секојдневен живот. Времето го минуваат така што чучнати на земјата со рацете тркалаат влажни глинени топчиња за да добијат облик на тенки колбаси. Потоа прават разни форми кои им служат како украси, но и како реквизити во секојдневниот живот. Тие се самоуки скулптори кои сметаат дека се талентирани уметници.
Џејмс Мајкл Дорси, истражувач и наградуван писател, извесно време престојувал во нивното село. Го запознал локалниот жител Кова, кој му признал дека „приказната за туристите“ е доста поразлична од нивниот реален живот. На пример, малкумина знаат дека во нивното племе не постојат жени од кал. Сѐ до средината на 20 век вообичаена племенска практика била со копја да се фаќаат свињи, но и жени.
Требаше многу време и труд за да се изгасне оваа мрачна културна практика. Асаро нема поглавар, туку претседател, па самите за себе сметаат дека се општествено и политички понапредни од своите соседи. Тогашниот претседател на племето, Руипо Окорохо, го прекинал ова културно насилство така што од своето племе направил туристичка атракција.
На тој начин ги отворил обичаите кон светот, па трагичните ритуали станале повидливи и било полесно да се спречат. Асаро од 1957 година почнал да ги изложува своите маски на фестивали. Еден од тие фестивали е Синг-Синг, кој заживеал до денес и е место на различност и толеранција, каде што многу племиња ја покажуваат својата култура, обичаи, музика и танц.
Дорси рече дека во една пригода се обидел да ја стави маската на лицето. Била толку мала што едвај го пикнал внатре својот нос. Била и исклучително тешка, па веднаш се препотил. Кова му раскажал дека не постојат две исти маски. Секоја маска е одраз на фантазијата на уметникот кој ја правел во тој момент.
Седејќи со Кова, продолжува Дорси, го обзела некоја посебна милост. Кова имал толку грациозни, речиси женствени движења, што на Дорси му се чинело дека гледа некаков вид балет.
Иако Кова разговараше со мене додека си играше со глината, би можел да кажам дека тој всушност е на некое друго место. Чувствував дека неговите предци управуваат со неговите раце како да е кукла на конец, вели Дорси.
Секојдневниот живот на племето Асаро
Жителите на племето Асаро ги градат куќите во кружна и правоаголна форма. Куќите се ниски, а покривите високи. Изгледаат како хобитски куќички какви што можеме да видиме во популарните филмови.
Распоредот во куќите е отворен, па спијат, јадат и се дружат во истиот простор. Единствено кујната им е сместена надвор за да не дојде до пожар. За жал, поради сѐ помасовниот туризам, нивните традиционални куќи сѐ поретко се градат, а ги заменуваат модерни живеалишта наменети за гостите.
Најчесто јадат традиционална храна. Еден од главните специјалитети на племето Асаро е „вет муму“, пченка на пареа со додаток на сладок компир (батат) и зелка, со пилешко или свинско месо. „Муму“ е нивната земјена печка, која всушност е плитка јама со слоеви од дрво и карпи.
Како што дрвото гори, камењата се загреваат и паѓаат на дното на јамата. Откако дрвото ќе изгори, храната паѓа на каменот, а готовото јадење се витка во лисја и се послужува.
Големо значење им придаваат на свадбените церемонии. Обичај е младоженецот да ја купи својата невеста. Може да плати со пари, храна, добиток или други вредни подароци.
Семејството на невестата има обврска да се грижи за семејството на младоженецот. Тие ги ценат своите обичаи и уживаат во нив. Дорси вели дека е прекрасно да се видат споените семејства како по ручекот ја развиваат креативноста додека во заедништво ја обликуваат глината.
Додека многу луѓе од племињата користат кал за војување, Асаро ја користат за да избегнат судири. Иако на прв поглед застрашувачки, тие се всушност топли луѓе кои со креативност и фантазија со години се борат против непријателите. Маските се само привидно оружје кое ги одржува во живот, нивната умствена сила е всушност главната причина зошто до денес се едно од најстарите и најпосебни племиња во светот.
Во видеото можете да го погледнете секојдневниот живот на племето Асаро Мадмен.
Фото: принтскрин/јутјуб