Најсериозното предупредување од научниците по над 40 години следење на океаните: „Светот не е подготвен за ова“
Океаните се загреваат со алармантна брзина, што носи далекосежни последици за кои светот не е подготвен, се наведува во извештајот на повеќе од сто меѓународни научници.
Десеттиот Коперников извештај за состојбата на океаните (Океан стејт рипорт) се темели на повеќе од четири децении податоци собрани од сателити, пловилки и сензори за да се процени состојбата на светските океани.
- Океанот се менува пред нашите очи: загревањето, порастот на нивото на морето и деградацијата на екосистемите се меѓусебно поврзани показатели за значајни и долгорочни промени - изјави Пјер Бахурел, генерален директор на „Меркатор океан интернешнал“, непрофитна истражувачка организација која го изработи извештајот.
Покрај долгорочните промени утврдени во извештајот, огромниот Ел Нињо создава дополнителен притисок. Тој природен климатски образец, кој се карактеризира со температури на водата повисоки од просечните по должината на екваторот во Тихиот Океан, би можел да стане најинтензивен откако постојат мерењата.
Светските океани апсорбираат околу 90 отсто од вишокот топлина настаната од согорувањето фосилни горива и се загреваат со алармантна брзина, се наведува во извештајот.
Брзината на загревање на океаните се удвои во последните 20 години, а температурите на површината на морето достигнаа рекордни вредности во 2023, 2024 и повторно во 2026 година.
Минатата година светските океани апсорбираа дополнителни 23 зетаџули топлинска енергија, со што деветта година по ред е поставен нов рекорд, се наведува во извештајот. За споредба, станува збор за количество енергија што одговара на експлозија на 12 атомски бомби како онаа фрлена на Хирошима секоја секунда во текот на целата година или околу 40 пати поголема количина на енергија од онаа што целиот свет ја потрошил во 2025 година.
Сите тие топлини имаат огромни последици: поттикнуваат морски топлински бранови, придонесуваат за посилни и поразорни бури, му штетат на морскиот живот и го забрзуваат порастот на нивото на морето, како поради топењето на мразот така и поради фактот што потоплата вода зафаќа поголем волумен.
Просечното глобално ниво на морето од 1999 година расте за околу 3,8 милиметри годишно и порасна за речиси 10 сантиметри. Стапката на раст се забрзува од 2012 година, што претставува закана за стотици милиони луѓе што живеат во крајбрежните подрачја.
Од 1985 година океаните станаа и околу 17 отсто покисели бидејќи апсорбираат сè поголеми количества на јаглерод диоксид.
Некои региони се особено погодени од промените што се случуваат како што светот се загрева. Европските мориња се наоѓаат под „интензивен притисок“, изјави Карина фон Шукман, една од авторите на извештајот.
Средоземното и Црното Море во 2024 година беа погодени од рекордни морски топлински бранови, од кои некои траеја подолго од 30 дена и ја покачија температурата на морето за повеќе од 4,6 Целзиусови степени над просекот, покажа извештајот.
- Тоа не се изолирани периоди на високи температури. Се случуваат во услови на континуирано загревање на океаните кое ги менува околностите во кои функционираат морските екосистеми - изјави Бланка Фернандес-Алварез, авторка на извештајот и истражувачка на Медитеранскиот институт за напредни студии.
Фото: magnific