Научниците набљудуваа како мајмуните се справуваат со стресот - луѓето би требало да учат од нив
Прегратките и бакнежите им помагаат на приматите да го зачуваат мирот. Се чини дека и шимпанзата и бонобоата користат пријателски физички допир за да ја ублажат напaтоста меѓу членовите на групата во стресни ситуации, објавија научниците во списанието „Просидингс оф д ројал сосајети би“.
Прегратките, држењето за рака и сите тие пријателски однесувања претставуваат еден вид лепило кое помага во одржувањето на поврзаноста на групата, објаснува Зана Клеј, приматолог од Универзитетот „Дарам“ во Англија.
Таа додава дека луѓето би можеле да учат од мајмуните и дека пред спортски настан, натпревар или некоја друга интензивна средба, малку физички контакт би можел да им помогне на луѓето да бидат посмирени.
- Физичката близина навистина е многу моќен начин за справување со стресот - вели таа.
Научниците веќе знаеја дека шимпанзата и бонобоата користат физички допир за да ги смират конфликтите и да дадат утеха во моменти на вознемиреност. Сепак, Клеј и нејзиниот тим забележаа дека животните покажуваат пријателска блискост и кога претходно немало никаков конфликт, вели Џејк Брукер, приматолог.
Тоа го навело тимот да испита дали големите човеколики мајмуни користат галење не само за решавање на конфликтите, туку и за нивно спречување.
Истражувачите набљудуваа пет различни групи шимпанза и бонобоа во засолништа во Замбија и Демократската Република Конго. Ги снимаа животните пред, за време и откако ќе им понудеа ограничена количина кикиритки.
Кога мајмуните ќе сфатеа дека ќе добијат храна, стануваа нервозни и возбудени, вели Брукер. Причината била едноставна: немало доволно кикиритки за сите да се најадат колку што сакаат.
Меѓутоа, колку повеќе пријателски допири разменуваа животните пред хранењето, толку беше поголема веројатноста дека потоа заедно ќе јадат без конфликт, утврдија научниците. Истиот образец беше забележан и кај бонобоата и кај шимпанзата.
Извор:
Nova.rs
Фото: Magnific