Ново откритие би можело да ја расветли мистеријата за исчезнувањето на Амелија Ерхарт: По 90 години почнува нова потрага

Ново откритие би можело да ја расветли мистеријата за исчезнувањето на Амелија Ерхарт: По 90 години почнува нова потрага

Тим од истражувачи за неколку дена ќе тргне кон островот Никумароро во надеж дека ќе ги пронајде остатоците од авионот на Амелија Ерхарт.
 
Во мај 1932 година Ерхарт станала првата жена што со авион го прелетала Атлантскиот Океан. Неколку години подоцна, во 1937 година, исчезнала некаде над Тихиот Океан. Се обидувала да стане првата личност што со авион ќе го обиколи светот, но останала без гориво и авионот се урнал.

На историскиот лет Ерхарт била со навигаторот Фред Нунан. Откако нивниот авион исчезнал, следувала 16-дневна потрага, но тие никогаш не биле пронајдени. Во јануари 1939 година биле прогласени за мртви и во правна смисла, иако некои луѓе сметале дека можеби го преживеале падот.

Со децении останаа отворени прашањата за тоа што навистина им се случило на Ерхарт и Нунан, а сега тим од 17 луѓе, составен од членови на Археолошкиот институт „Легаси“, Фондацијата за истражување на Универзитетот „Пардју“ и Универзитетот „Пардју“, тргнува во експедиција на Јужниот Пацифик во обид да ја реши мистеријата за нивното исчезнување.

Експедицијата ќе трае речиси три недели, наведува Универзитетот „Пардју“. Истражувачите патуваат токму на овој пацифички остров за да утврдат дали „визуелната аномалија“ забележана на сателитските снимки од лагуната на Никумароро е всушност исчезнатиот авион „локид електра 10-Е“, со кој летала Ерхарт.

Објектот прв го забележал истражувачот Мајкл Ешмор во 2020 година на снимка од сервисот „Епл мапс“. Самата снимка била направена во 2015 година, набрзо откако циклонот Пем го погоди тој регион. Оттогаш компанијата „Вантор“, порано позната како „Максар технологис“, направи и понови фотографии од ова подрачје.

Д-р Ричард Петигру, извршен директор на Археолошкиот институт „Легаси“, ја предводи претстојната експедиција, која треба да започне за само неколку дена. Првично беше планирана за минатата година, но мораше да биде одложена.

- На само една недела пред почетокот на нашата експедиција, моите мисли се насочени кон спроведување на планот за теренска работа - вели тој.

Планирано е експедицијата да се врати во Тарава околу 22 октомври, а членовите на тимот следниот ден треба да заминат дома.

- Навистина сум многу среќен што сум во можност да решам една од најголемите мистерии на сите времиња, без разлика дали тоа навистина ќе се случи. Овој случај трае долго, но сега имаме нови докази. Во лагуната на Никумароро се гледа објект. Сè што гледаме укажува на тоа дека е многу возможно, можеби дури и веројатно, тоа да е она што останало од авионот на Амелија Ерхарт - додава тој.

Петигру и неговиот тим ќе користат дронови, сонар и магнетометри за да ја испитаат локацијата, а потоа ќе вршат сондирање на седиментот и на крајот ќе се обидат да го ископаат објектот со помош на хидрауличен багер.

Извор: Nova.rs
Фото: Wikipedia