Скопје в недела повторно ќе трча во ритамот на Виз Ер Скопскиот маратон

Скопје в недела повторно ќе трча во ритамот на Виз Ер Скопскиот маратон

Сè е подготвено за 22. издание на Виз Ер Скопскиот маратон, кој ќе се одржи в недела, 4 октомври, кога Скопје повторно ќе биде во знакот на трчањето, спортот и позитивната енергија. На традиционалната прес-конференција по повод годинешното издание, која се одржа денеска во Europe House, беа презентирани најважните информации за организацијата, трките и подготовките за големиот спортски настан.

Годинава маратонот поставува нов рекорд со пријавени 15.050 натпреварувачи од 63 земји, што уште еднаш потврдува дека Виз Ер Скопскиот маратон одамна ги надмина локалните рамки и прерасна во значаен меѓународен спортски настан. Покрај рекордниот број учесници, на стартот ќе има и елитни тркачи од повеќе земји, кои ќе се борат за најдобрите резултати. Најбројни по земји, покрај учесниците од Македонија, се натпреварувачите од Србија, Германија, Велика Британија и Турција.

За значењето на маратонот за градот зборуваше Зоран Стојановиќ, претседател на Сојузот на спортови на Скопје, кој истакна дека Виз Ер Скопскиот маратон со секое ново издание ја потврдува својата спортска традиција и значењето за Скопје.

„Виз Ер Скопскиот маратон е спортска традиција која со секое ново издание го обединува Скопје. Оваа година имаме рекорден број учесници и голем број тркачи од странство, што е потврда дека маратонот има свое место на меѓународната спортска мапа. Нашата цел е сите учесници да имаат одлични услови за трката и да понесат убаво искуство од Скопје.“

Масовноста и вклученоста на граѓаните се важен дел од приказната на маратонот, а токму спортот и активното учество на заедницата се во фокусот и на Министерството за спорт. Министерот за спорт Борко Ристовски посочи дека ваквите настани имаат значење и за промовирањето на спортот кај младите.

„Маратонот е пример како спортот може да ги обедини граѓаните и да испрати позитивна порака до целото општество. Министерството за спорт продолжува да ги поддржува настаните кои го промовираат спортот и активното учество на граѓаните,“ истакна Ристовски.



Поддршката за маратонот доаѓа и од Делегацијата на Европската Унија, а Бен Нупнау, заменик-шеф на Мисијата на ЕУ во Македонија, истакна дека голема чест и задоволство е што и оваа година ја поддржуваат манифестацијата.

„Голема чест и задоволство е за нас што и оваа година ја поддржуваме оваа голема спортска манифестација. Спортот ги поврзува луѓето без оглед на нивното потекло и граници, а Виз Ер Скопскиот маратон е убав пример за тоа како еден настан може да ги поврзе Скопје, државата и европската спортска заедница.“



Подготвеноста на градот да биде домаќин на големиот спортски настан ја потврди и градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, кој упати и повик до скопјани да бидат дел од атмосферата на 4 октомври.

„Град Скопје ја дава својата целосна поддршка на маратонот, со сета расположливост на јавните претпријатија и службите кои се вклучени во организацијата, за настанот да помине безбедно и во најдобар ред. Ги повикувам скопјани да излезат, да ги бодрат тркачите и да бидат дел од енергијата која го прави маратонот посебен.“



Спортскиот директор на Виз Ер Скопскиот маратон, Кире Синадиновски, посочи дека рекордниот број учесници е голем предизвик, но и дополнителна мотивација за тимот.

„Со рекордниот број пријавени учесници, ова е голем предизвик за сите нас, но и голема мотивација. На 4 октомври очекуваме уште едно големо тркачко доживување и ги повикуваме сите да бидат дел од него.“



Зад успешната организација стои и голем број луѓе кои со месеци работат на подготовките. Секретарот на Виз Ер Скопскиот маратон, Гордана Николовска, посебно ја истакна улогата на околу 500 волонтери кои ќе бидат распоредени на различни позиции долж патеките.

„Зад секое издание на Скопскиот маратон стои голем број луѓе кои посветено работат со месеци. Оваа година имаме околу 500 волонтери кои ќе бидат на различни позиции долж патеките и ќе бидат важен дел од целата организација. Од организацискиот тим и волонтерите, до институциите, партнерите и сите кои ја поддржуваат трката – секој има свој удел во успехот на маратонот.“

Годинешното издание повторно носи четири трки – маратон на 42,195 километри, полумаратон на 21 километар, трка на 5 километри и ЕУ фор Спорт штафетна трка.

Покрај натпреварувачкиот дел, Виз Ер Скопскиот маратон и годинава подготвува активности со кои дополнително ќе се збогати искуството на учесниците и публиката. Посебно внимание е посветено и на поддршката долж патеката, која традиционално е еден од препознатливите делови на маратонот.

На 4 октомври, улиците на Скопје повторно ќе бидат исполнети со маратонци, полумаратонци, рекреативци, навивачи и поддржувачи. Рекордните 15.050 учесници од 63 земји ќе трчаат низ главниот град, а Скопје ќе има уште една можност да покаже дека знае да биде добар домаќин на големите спортски настани.