Мистериозен син астероид им задава главоболка на научниците

Мистериозен син астероид им задава главоболка на научниците

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Користејќи ги телескопите на Хаваите и во Аризона, група астрономи ја проучувале рефлексијата на Сончевата светлина од астероидот наречен Фетон, познат по својата сина боја. Сините астероиди што рефлектираат повеќе светлина во синиот дел на спектарот се само дел од сите познати астероиди. Повеќето астероиди се сиво-сини до црвени, во зависност од материјалот на нивната површина. Додека сините астероиди се ретки, сините комети воопшто не постојат.

Фетон се издвојува од две причини: се чини дека е еден од најсините од астероидите со слични нијанси или комети во Сончевиот Систем, а неговата орбита го доведува толку близу до Сонцето што неговата површина се загрева на 800 Целзиусови степени, што е доволно жешко да стопи алуминиум.

астероид
Фото: Getty Images


Фетон ги интригира астрономите и поради други причини. Според изгледот и однесувањето, може да се каже дека има квалитети и на астероид и на комета. На небото секогаш се појавува како точка, како илјадници други астероиди, а не како точка со опашка, како комета. Но, Фетон е извор на годишниот дожд од метеори Геминиди, видлив во средината на декември.

Пред научниците да го откријат Фетон во 1983 година, тие ги поврзале сите познати дождови од метеори со активни комети, а не со астероиди.

- Во тоа време се претпоставуваше дека Фетон е мртва комета. Но, кометите типично се црвени, а не сини. Така што, тешко е да се каже дали Фатон е астероид или мртва комета - вели Теди Карета од Универзитетот во Аризона.

Исто така, Фетон остава мала трага прашина кога се приближува до Сонцето. Оваа активност била забележана на два објекта во целиот Сончев Систем - на Фетон и на уште еден сличен објект за кој се чини дека ја замаглува линијата што ја дели кометата од астероидот. Истражувачите дојдоа до неколку нови откритија за Фетон откако анализирале податоци од телескопот „Фасилити“ на НАСА на Хаваите и телескопот „Тилингхауст“ во Аризона. Тие сметаат дека Фетон би можел да биде поврзан или да се откинал од Палас, голем син астероид што и понатаму се наоѓа во Сончевиот Систем.

- Интересно е тоа што откривме дека Фетон е уште потемен отколку што беше забележано, само половина рефлективен како Палас. Поради тоа, тешко е да се каже дека Фетон и Палас се поврзани - велат научниците.