Ако постојат, вонземјаните смрдат

Ако постојат, вонземјаните смрдат

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

Научниците што се занимаваат со анализирање на условите за живот на други планети проценуваат дека вонземјаните, доколку постојат, имаат непријатен мирис за луѓето, односно смрдат.

Роверот на НАСА наречен „Кјуриосити“ на површината на Марс откри органски и хемиски молекули од кои некои би можеле да бидат показател дека постои живот. Заедно со елементите што веќе ги познаваме, како водород и јаглероден диоксид, Марс има ист хемиски состав како гасовите што човекот ги произведува при состојба на надуеност.

- Разумно е да се претпостави дека марсовците би мирисале како човечки гасови - вели научникот Клара Суса-Силва, која се занимава со анализа на атмосферата и површината на Марс.

Како што пренесуваат западните медиуми, Марс не е единствениот свет во Сончевиот Систем кој теоретски би можел да има смрдлив облик на живот. Месечината на Сатурн, Титан, шири интересни мириси - дел од гасовите и јаглеводороди кои ги собра леталото „Касини“ научниците ги користеле за креирање рецепти со кои се реплицирале аромите на Титан. Миризбата на Титан, со оглед на составот, во кој доминираат азот, метан, бензен и други ароматични гасови, би била мешавина од човечки гасови и бензин.

Американската астрофизичарка и научник Сара Сигер, меѓутоа, тврди дека вонземниот облик на живот на Титан, кога би постоел, не би мирисал на таа мешавина, туку на гориво.

Еден од клучните фактори за наоѓање на вонземниот живот би можел да биде фосфинот, екстремно запалива, неверојатно токсична и смрдлива молекула. Таа не може спонтано да се формира на планетите, туку е потребна енергија за нејзино настанување.

Ако некаде во Сончевиот Систем се открие присуство на фосфин, тоа значи дека е откриено и присуство на некој облик на живот, велат научниците.

Исто така, човекот и планетата Земја би можеле да им смрдат на вонземјаните - тоа е двонасочна улица, заклучуваат космолозите.