ХИВ-вирусот не смее да остане табу-тема, а младите да бидат неинформирани

ХИВ-вирусот не смее да остане табу-тема, а младите да бидат неинформирани

Подготвил: Радмила Заревска

Лектор: Ивана Кузманоска

Весна Илиевска, проектна координаторка во Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување - ХЕРА, вели дека денес се проценува дека во нашата држава секое трето лице што има ХИВ не го знае својот позитивен статус, односно не е свесно дека е ХИВ-позитивно. Да се знае својот ХИВ-статус што порано е многу важно затоа што благодарение на терапијата, луѓето со оваа болест може да живеат квалитетно и долго. Луѓето што живеат со ХИВ имаат речиси изедначен животен век со лицата што немаат, но доколку добијат третман навреме

ХИВ-вирусот сè уште е табу-тема во македонското општество, а особено загрижува што неинформираноста е голема меѓу младите во државата. Анализите на невладиниот сектор покажуваат дека секое трето лице со ХИВ во земјава не е свесно дека е позитивно на вирусот и тоа е сериозен проблем, бидејќи интересот за тестирање е мал.
Од друга страна, лицата што навреме откриле дека се позитивни можат да го продолжат својот животен век како и другите луѓе користејќи ги достапните лекови.

1 Декември е Светски ден за борба против ХИВ/СИДА, но дали е доволно за тоа да се зборува само еден ден во годината? Здружението - Асоцијација за здравствена едукација и истражување - ХЕРА предупредува дека Македонија е држава со ниска преваленција на ХИВ, а развојот на епидемијата е постепен, но континуиран.
Весна Илиевска, проектна координаторка во Асоцијацијата-ХЕРА, вели дека Македонија е земја со ниска преваленција на ХИВ, односно е со ниска бројка на заразени, развојот на ХИВ-епидемијата е постепен, но континуиран.

- Денес, се проценува дека во нашата држава секое трето лице што има ХИВ не го знае својот позитивен статус, односно не е свесно дека е ХИВ-позитивно. Да се знае својот ХИВ-статус што порано е многу важно затоа што благодарение на терапијата, луѓето со оваа болест може да живеат квалитетно и долго. Луѓето што живеат со ХИВ имаат речиси изедначен животен век со лицата што немаат, но доколку добијат третман навреме.

Тестовите се бесплатни, резултат за 10 минути

Според неа, судејќи од искуството на врсничките едукатори по сеопфатно сексуално образование во средните училишта и формалното образование во целост, вистината е дека младите не се доволно запознаени со темата ХИВ, начините на превенција, како и со фактот дека со оваа болест денес може да се живее долго и квалитетно.

- Иако во ХЕРА се трудиме да информираме за овие теми и да говориме често за важноста од навременото ХИВ-тестирање, сè уште недоволно е развиена свеста за ова кај граѓаните. Во Младинскиот центар „Сакам да знам“ на Водно обезбедуваме услуги за бесплатно и доверливо тестирање и советување за ХИВ со брзи тестови. За подетални информации и за закажување, граѓаните можат да се јават на телефонскиот број 02/3176 950. ХИВ-тестирањето е достапно за сите граѓани, без оглед дали имаат здравствено осигурување, а не се бара ниту документ за идентификација ниту име и презиме. Тестирањето се прави под шифра, а резултатите од брзите тестови се готови за 10 минути. Да напоменам, тестирањата и советувањата за ХИВ се одвиваат во согласност со интерни протоколи за прием и нудење услуги на клиенти за време на здравствената криза со ковид-19 - посочува таа.


Весна Илиевска

Неопходна е превенција за младите да се заштитат

Илиевска вели дека од 2018 година наваму државата целосно го презеде финансирањето на Програмите за превенција на ХИВ од Глобалниот фонд и поддршката се реализира преку националната програма за заштита на населението од ХИВ-инфекција на Министерството за здравство.
- Сеопфатното сексуално образование и навремената едукација се неопходна превенција за младите да знаат како да се заштитат. А кога се знаат вистинските информации и се разбиваат митовите, стигмата и дискриминацијата поврзани со луѓето со ХИВ, немаат основа на која би постоеле понатаму. Па оттука, препознавањето на сексуалното образование од страна на државата и пилотирањето на ССО како изборен предмет во 2021 година е знак дека одиме во добра насока по ова прашање, само што ова е долгорочен предизвик на кој треба да се работи уште долго и да внимаваме да не скршнеме од патот по кој тргнавме - посочуваа проектната координаторка во ХЕРА.
 
Редовната терапија го продолжува животот

На прашањето колку во Македонија ХИВ-позитивните имаат можност за соодветна терапија, таа вели дека со денешните достигнувања во медицината во оваа област постигнато е со ХИВ да се живее, доколку се открие навреме.

- Терапијата, т.н. антиретровирусна терапија, е достапна и бесплатна за сите што живеат со ХИВ во нашата држава. Доколку таа се зема редовно, има моќ да го контролира вирусот и да го сведе на минимално ниво во крвта, познато како „недетектабилно ниво“, кога вирусот не може да се открие со крвна анализа. Оваа терапија не само што овозможува да се живее долго и квалитетно, туку и откако ќе се достигне супримираното ниво на вирусот во крвта, по три до шест месеци од редовното примање, понатаму не постои можност да се пренесе на друго лице. Оттука, терапијата станува превенција за ширење на вирусот, а лицата што живеат со ХИВ не можат да го пренесат вирусот, дури и да практикуваат секс без заштита, а може да планираат родителство - објаснува таа.

Посочува и дека доколку бремена жена кај која навреме е откриен ХИВ прима терапија во текот на бременоста и други мерки како (породување со царски рез и не го дои новороденчето), шансите за пренос на ХИВ речиси не постојат (помали се од еден отсто).

- Но, за да дојде до тоа да го третираме ова како кое било друго хронично заболување, потребно е да се открие навреме. А тоа е можно само доколку се тестираме, бидејќи ХИВ-инфекцијата не може да се дијагностицира врз основа на симптомите, туку единствено преку ХИВ-тест - заклучува Илиевска.


Фото: приватна архива