Илон Маск замислува хуманоидни роботи насекаде, а Кина прва може да ја претвори оваа визија во реалност

Илон Маск замислува хуманоидни роботи насекаде, а Кина прва може да ја претвори оваа визија во реалност

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Кинеските компании би можеле да ги победат Илон Маск и „Тесла“ во трката за масовно производство на хуманоидни роботи. Иако Маск ги позиционира хуманоидните роботи како клучен дел од идната вредност на „Тесла“, компанијата сè уште не го продава својот робот „Оптимус“.

За разлика од него, Кина го стави развојот на хуманоидни роботи во центарот на својата технолошка стратегија, како дел од пошироката конкуренција со САД. Според аналитичари, земјата веќе има предност во раната комерцијализација и побрзо го зголемува производството.

Хуманоидните роботи, кои се движат и функционираат слично како луѓето и се напојуваат со вештачка интелигенција и напреден хардвер, се гледаат како решение за недостигот на работна сила во Кина, каде што населението старее, а наталитетот опаѓа. Истовремено, тие се и алатка во борбата за технолошка надмоќ.

Глобалниот пазар за хуманоидни роботи до 2050 година би можел да достигне 9 билиони долари, при што Кина би учествувала со повеќе од 60 отсто.

Голем број истакнати кинески компании веќе најавуваат производство на илјадници роботи годишно. Производителот на електрични возила „Кспенг“, исто така, го претстави својот хуманоиден робот „Ајрон“ и планира сериско производство.

Предноста на Кина е во силниот индустриски синџир и пониските трошоци за производство, кои, според компаниите, може да се намалуваат и до 30 отсто годишно. Дополнително, локалните власти нудат субвенции за роботската индустрија.

Предизвици и ризици


И покрај напредокот, индустријата се соочува со сериозни пречки: ограничен пристап до напредни чипови, технолошки ограничувања во прецизното имитирање човечки движења и високи цени. Денешните напредни прототипи чинат меѓу 150.000 и 500.000 долари, а за да бидат конкурентни на човечката работна сила, цената треба да падне под 50.000 долари.

Кинеските регулатори предупредија и на можен инвестициски „балон“, со оглед на тоа што повеќе од 150 компании развиваат слични производи.

Аналитичарите заклучуваат дека Кина најверојатно ќе има поголем пазар од САД во наредните години, но на долг рок двете земји би можеле да стигнат до слично ниво со масовна примена на хуманоидни роботи дури по 2040 година.

Извор: CNBC
Фото: Screenshot/YouTube