Како да ја намалите потрошувачката на гориво и да заштедите пари при секојдневно возење

Како да ја намалите потрошувачката на гориво и да заштедите пари при секојдневно возење

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Многу возачи не се свесни дека едноставните промени во навиките и подоброто одржување на автомобилот можат да ја намалат потрошувачката на гориво за дури 25 проценти. Ова не се драстични мерки, туку низа паметни техники и одлуки кои, кога ќе се соберат заедно, носат значителни заштеди и го намалуваат нашиот еколошки отпечаток.

Стилот на возење е најважниот фактор

Најголемиот потенцијал за заштеда лежи помеѓу воланот и седиштето. Агресивното возење со ненадејно забрзување и сопирање е најголемиот непријател на вашиот паричник. Секојпат кога силно ќе го притиснете педалот за гас, моторот троши значително повеќе гориво. Обидете се да забрзате непречено и постепено.

Еднакво е важно да одржувате константна брзина секогаш кога е можно. Постојаните промени во брзината, дури и малите варијации помеѓу 75 и 85 км/ч, можат да ја зголемат потрошувачката за 20 проценти. Особено на автопатите и отворените патишта, со одржување на брзината, моторот работи во најефикасен режим, што директно ја намалува потрошувачката на гориво. Предвидувањето на сообраќајот е исто така клучно. Гледајте далеку напред и одржувајте безбедно растојание. Ова ви дава повеќе време за реакција, овозможувајќи ви да забавите со намалување на гасот наместо нагло сопирање. Кога се приближувате до семафори или сообраќаен метеж, намалете го гасот порано и дозволете возилото да забави по инерција. Ова не само што заштедува гориво, туку и ги штити сопирачките.

Брзината, исто така, игра огромна улога. Повеќето модерни автомобили се најефикасни со брзини помеѓу 50 и 80 км/ч. Над тоа отпорот на воздухот експоненцијално се зголемува, принудувајќи го моторот да работи посилно. На пример, возењето со 120 км/ч троши околу 20 проценти повеќе гориво отколку со 100 км/ч, а на патување од 25 километри ќе заштедите само две минути. Конечно, ако стоите мирно повеќе од 60 секунди со возилото, исклучете го моторот. Современиот автомобил троши значително помалку гориво при повторно стартување отколку кога работи во лер, каде што може да согори до два литри гориво на час.

Одржување на возилото и паметна подготовка

И состојбата на вашиот автомобил и начинот на кој го подготвувате за возење имаат огромно влијание врз потрошувачката на гориво. Еден од најлесните, но најчесто занемарени фактори е правилниот притисок во гумите. Недоволно напумпаните гуми создаваат поголем отпор, што значи дека моторот мора да вложи повеќе енергија во одржувањето на брзината. Дури и притисок што е само 0,5 бари помал може да ја зголеми потрошувачката на гориво до 4 проценти.

Тежината и аеродинамиката се следни на листата. Секои дополнителни 25 кг товар во возилото ја зголемуваат потрошувачката на гориво за околу еден процент. Отстранете ги сите непотребни предмети од багажникот. 

Климатизацијата може да ја зголеми потрошувачката на гориво за дури 20 проценти. При пониски брзини отворањето на прозорците е поекономична опција. На автопат подобро е да се користи клима-уредот, но умерено. Кога влегувате во загреан автомобил, прво отворете ги прозорците за да излезе топлиот воздух, а дури потоа вклучете го клима-уредот и користете ја опцијата за рециркулација на воздухот.

Не заборавајте на редовното одржување. Чист филтер за воздух, соодветни свеќички и квалитетно моторно масло обезбедуваат моторот да работи ефикасно и со оптимална потрошувачка на гориво. Конечно, испланирајте ги вашите патувања. 

Извор: autonet.bug.hr

Фото: Freepik