Кои се желбите на деканите на Филозофски, Филолошки и на ФЕИТ за новата година?

Кои се желбите на деканите на Филозофски, Филолошки и на ФЕИТ за новата година?

Подготвил: Сања Јачевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Приоритетите ќе бидат насочени кон подобрување на квалитетот на наставата и афирмација на факултетот како центар на критичка мисла и интелектуален авторитет, со што ќе се осигури стабилна академска одржливост и континуирано зголемување на научната продуктивност, вели Оливер Бакрески, декан на Филозофскиот факултет

На крајот од уште една предизвикувачка година за високото образование разговаравме со деканите на факултетите за тоа со какви искуства ја испраќаат годината што измина и со какви очекувања, визии и желби влегуваат во следната. Во време на брзи општествени промени, ограничени ресурси и зголемени очекувања од академската заедница, нивните размислувања се важен показател за насоката во која се движи универзитетското образование.

Оливер Бакрески, декан на Филозофски факултет

Во претстојната академска година основната заложба на факултетот ќе биде да продолжи да биде двигател на критичката мисла, научната продуктивност и општествената одговорност. Во таа насока, институционалните приоритети ќе се насочат кон зајакнување на капацитетите и подобрување на организациската усогласеност, со цел обезбедување стабилна основа за понатамошен развој и ефективно функционирање. Со тоа, факултетот ќе се стреми да се афирмира како значаен учесник во глобалниот образовен и научен простор. Исто така, факултетот во соработка со сите релевантни субјекти во државата ќе продолжи да се наметнува како стратешки академски и научен двигател во националниот развоен контекст. Таа улога ќе биде клучен инструмент за афирмација на факултетот како партнер на државата во креирањето на образовните и научните политики, со што ќе се обезбеди неговата долгорочна институционална релевантност и вредност, вели Бакрески.



Приоритетите на академско ниво ќе бидат насочени кон подобрување на квалитетот на наставата и афирмација на факултетот како центар на критичка мисла и интелектуален авторитет, со што ќе се осигури стабилна академска одржливост и континуирано зголемување на научната продуктивност.

На прашањето што би сакале да се промени или унапреди во следната година за да се создадат подобри услови за студентите, наставниот кадар и науката, Бакрески вели:

- Во 2026 година напорите ќе бидат насочени кон подобрување на условите за студирање преку инфраструктурни зафати кои ќе овозможат современа, функционална и поттикнувачка наставна средина. Овие интервенции не треба да се сфатат како едноставна инфраструктурна надградба, туку како суштински предуслов за унапредување на квалитетот на наставниот процес и за создавање услови за попродуктивна академска средина.
Во однос на вториот дел од прашањето поврзан за наставниот кадар и науката, еден од најголемите приоритети во следната година ќе биде конечно надминување на структурниот предизвик со кадровската политика. Години наназад, особено со заминувањето во пензија на наставниците, не беше обезбедена соодветна замена, а состојбата остана иста и со ненаставниот кадар. Очекувам овие состојби да се надминат во 2026 година, со што ќе се обезбеди стабилна академска одржливост за да можеме суштински да одговориме на современите образовни потреби и предизвици. Исто така, решавањето на овој проблем ќе овозможи да се консолидира позицијата на факултетот како водечки центар на научната мисла и интелектуален авторитет. Дополнително, поддршката на државата во науката е суштинска и круцијална, па затоа е исклучително важно не само да се продолжи со постигнатиот напредок во тој правец, туку и да се зајакне бидејќи претставува клучен фактор за развој особено на научната дејност - подвлече Бакрески.

Владимир Мартиновски, декан на Филолошки факултет



Во годината во која ќе го прославуваме јубилејот 80 години од неговото основање, на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ му посакувам раст на сите планови. Пред нас е година во која ќе треба да ги сумираме достигнувањата на Факултетот на наставен, научен и културен план во изминатите 8 децении, но и истовремено да работиме вредно на негово усовршување, особено во доменот на дигиталната трансформација. Во изминатата академска година Факултетот одржа дури 12 меѓународни научни собири, а во тековната пред нас е обврската да ги објавиме зборниците за презентираните реферати да станат достапни за научната јавност. Покрај големиот број планирани нови изданија како на наставниот кадар така и на студентите, во наредната година ќе одржиме неколку престижни меѓународни научни конференции поврзани и со јубилејот на факултетот и со јубилеите на неколку катедри, ни истакна Мартиновски.

Според него, она што на Факултетот му е неодложно во годината што доаѓа е кадровско подмладување.

- Изминатите две децении, поради пензионирање, од Факултетот си заминале двојно повеќе вработени отколку што биле вработени нови кадри, а тој тренд едноставно мора да се промени. Од тоа најмногу зависи иднината на Факултетот. Во мигов имаме само два асистенти, од кои едниот е пред избор во доцент. Неопходно ни е вработување на нови кадри, асистенти буквално на сите катедри на Филолошкиот факултет, а неопходни ни се вработувања и во администрацијата. Најбитно е што во мигов имаме голем број квалитетни потенцијални кандидати: одлични демонстратори кои ги следат студиите од втор или трет циклус, како и надворешни соработници, но секако неопходна ни е поддршка од ресорните министерства, кои би ги одобриле неопходните вработувања. Секако, потребни ни се и подобри услови во просторот во кои се изведува наставата, па затоа планираме реновирање на неколку предавални - истакна Мартиновски.

Владимир М. Атанасовски, декан на ФЕИТ



Во годината што следува ќе се залагам за одржување и понатамошно унапредување на квалитетот на образованието и меѓународната препознатливост на ФЕИТ. Наш приоритет е успешната реакредитација и модернизација на студиските програми од прв циклус, како и одржувањето на германската ASIIN акредитација. Предизвик претставува вклучувањето на современи наставни содржини кои ќе бидат во чекор со брзите технолошки промени, особено во областите на вештачката интелигенција, сајбер-безбедноста и дигиталната трансформација, сподели деканот на ФЕИТ.

- Паралелно, ФЕИТ ќе продолжи активно да учествува во меѓународни проекти и да се позиционира како значаен фактор во иновацискиот екосистем преку соработка со индустријата, трансфер на технологии и развој на применети иновативни решенија. Посакувам зголемување на бројот на компании-партнери со кои соработуваме, поинтензивен фокус на истражување и развој во стопанството, како и развој на интердисциплинарни решенија за потребите на македонските компании преку Центарот за трансфер на технологии и иновации – ИНОФЕИТ. Во 2026 година очекувам и понатамошно унапредување на наставната инфраструктура, што ќе овозможи поголема вклученост на студентите во практична и проектна работа, како и дополнителна поддршка за наставниот кадар во постигнување научна извонредност и развој на меѓународна соработка. Сметам дека се направени важни чекори во оваа насока, но треба да се продолжат и надградуваат - посочува деканот Владимир М. Атанасовски

Фото: приватна архива