Неверојатна средба помеѓу фотограф и арктички волк фатена на снимка
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Фотографот Тери Ноа имал неверојатна средба со пар арктички волци во близина на истражувачката база „Еурека“ на островот Елсмир. Видеото од средбата ги воодушеви тик-ток корисниците и собра над 24,9 милиони прегледи.
На снимката се гледа како двајца фотографи лежат на мразот со подигнати камери, додека волците полека им се приближуваат. Еден од волците дури легнува покрај еден од фотографите, создавајќи неверојатно интимен момент, пред да станат и заедно да заминат во далечината.
Снимката е направена за време на експедиција организирана од компанијата „Аусуитук адвенчрс“, која нуди тури „Во потрага по арктички волк“. Компанијата се наоѓа во малото ескимско село Грис Фјорд кое е најсеверната заедница во Канада, каде што Ноа е роден и целиот живот го поминал во истражување на природата и животот во дивината.
Според информациите од експедицијата, вакви блиски средби со арктички волци се исклучително ретки бидејќи тие ретко имаат контакт со луѓето. Живеалиштата на арктичкиот волк се едни од најизолираните во светот, протегајќи се низ канадскиот Арктик, вклучувајќи ги островите Елсмир и Девон, делови од Алјаска и северозападните брегови на Гренланд.
Иако арктичкиот волк се води како вид што не е загрозен според Меѓународниот сојуз за заштита на природата, неговата изолираност не го прави целосно безбеден. Климатските промени и нивните последици можат да го загрозат опстанокот на видот и да го променат неговиот статус во иднина.
Извор:
Nova.rs
Фото: Screenshot/Tik-tok