Временски ограничената исхрана покажала позитивни ефекти против стареењето и појавата на рак

Временски ограничената исхрана покажала позитивни ефекти против стареењето и појавата на рак

Подготвил: Драгана Петрушевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Временски ограничената исхрана е облик на привремена диета во која може да се јаде што било во одреден временски период, но во текот на преостанатото време треба да се воздржувате од храна. Научниците веруваат дека овој вид пост ги подобрува здравјето и благосостојбата со зајакнување на природниот дневен циклус за одмор и активност на телото.

Истражувања покажале дека здравствените предности на временски ограничената исхрана се намалување на телесната тежина и подобрување на симптомите на дијабетес и кардиоваскуларни болести. Овој начин на исхрана може да го подобри и сонот, како и менталното здравје.

Кимберли Гомер, дијабетичар и експерт за исхрана, вели дека временски ограничената исхрана може да го намали гладот и е исклучително ефикасна во губењето тежина. Според неа, овој вид исхрана го спречува грицкањето нездрави намирници, што е проблем на многумина.


Фото: Pixabay

Една неодамнешна студија спроведена на глувци открила и дека овој начин на исхрана може да има и антиканцерогени ефекти. Ова истражување покажало дека овој начин на исхрана влијае врз активноста на гените во 22 различни ткива во телото, вклучувајќи ги мозокот, срцето, белите дробови, црниот дроб и цревата.

Интересно е тоа што временски ограничената исхрана ја намалила активноста на гените што играат улога во воспаленијата и ја зголемила активноста на оние што се вклучени во процесот на рециклирање на старите и оштетени делови од клетките. Сето ова доведува до подобрување на здравјето и спречување болести поврзани со стареењето.

Авторите на истражувањето посочуваат дека тоа има ограничувања бидејќи било спроведено само на глувци од машкиот пол. Освен тоа, глувците се ноќни животни и се хранат ноќе, што може да значи дека овој вид исхрана има различен ефект кај луѓето.

Извор: Eklinika
Насловна фотографија: Pixabay