Aна Јанева докторира на 27 години на ЛМУ во Минхен: „Истражував како да се добијат клетки по нарачка, кои ќе послужат како резервни делови за организмот“

Aна Јанева докторира на 27 години на ЛМУ во Минхен: „Истражував како да се добијат клетки по нарачка, кои ќе послужат како резервни делови за организмот“

Подготвил: Жанета Здравковска

Лектор: Ивана Кузманоска

Ова истражување е особено релевантно за иднината на медицината и развојот на нови видови терапии со матични клетки.

На 9 декември 2025 година, една недела пред нејзиниот 28. роденден, Ана Јанева докторира на Универзитетот „Лудвиг Максимилијан“ (ЛМУ) во Минхен, Германија. Со тоа таа се вброи меѓу докторандите што успеале да станат д-р на науки на помлади години. Ова беше само уште една потврда за нејзината посетеност кон науката и истражувачката работа, откако претходно додипломските и мастер-студиите по биохемија ги заврши на Универзитетот „Хајделберг“ во Германија.

На докторската теза, која беше од областа на епигенетика, Јанева работеше цели четири години. Истражувањето што го спроведе беше фокусирано на откривање „епигенетски баркод“ кој ги стабилизира клеточните идентитети. На пример, дали една клетка ќе биде мозочна или мускулна. Комбинирајќи експерименти кои ја мерат активноста на гените преку нивоата на мРНК во клетките, односно RNA-seq, и експерименти кои ги детектираат овие епигенетски модификации во истите тие клетки, односно ChIP-seq, а во соработка со колеги од Универзитетот во Кембриџ, разви модел на машинско учење наречен Digital Reprogramming.



Како да се добијат клетки „по нарачка“

- Овој модел ни овозможи да откриеме една специфична епигенетска модификација која би можела да игра улога во стабилизирањето на овие клеточни идентитети и со тоа да го спречи процесот на клеточно репрограмирање (процес во кој еден вид клетка се претвора во друг). Во рамките на мојот докторат извршив низа експерименти со кои покажав дека оваа епигенетска модификација, таканаречена H3K27ac, е бариера на процесот на репрограмирање и дека кога ќе ја отстраниме, процесот станува поефикасен и поуспешен - вели Јанева.

Ова истражување е особено релевантно за иднината на медицината и развојот на нови видови терапии со матични клетки.

- Тоа овозможува да се произведат клетки „по нарачка“. На пример, од крвните клетки на пациентот би можеле да се добијат друг тип клетки од некој заболен орган и со тоа да се добијат еден вид „резервни делови“. Бидејќи овој процес сѐ уште е многу макотрпен и неефикасен, истражувачката работа како нашата е мал, но важен чекор кон подобрено разбирање и унапредување на овој процес - вели Јанева.



Изработката на докторската теза ѝ беше предизвикувачки процес, понекогаш напорен, но и возбудлив. Интересот за науката, задоволството од истражувачката работа и амбицијата, беа извор на енергија за Ана.

По 10 до 12 часа дневно поминувала во лабораторија

- Најнапорните моменти беа во фазите кога имав чувство дека „пливаме во матни води“, односно фазите кога резултатите од истражувањето се збунувачки и не е јасно кој е следниот чекор. Меѓутоа, тоа е нормален, составен дел од истражувачката работа и по секој ваков надминат предизвик, излегувате како подобар научник. Тука е и физичкиот напор од работата во лабораторија, кога денот понекогаш трае и по 10 до 12 часа бидејќи некој експеримент тоа го бара од вас. Мислам дека овој интензивен период од 4 години исполнет со многу предизвици беше одлично искуство кое ме научи многу, и лично и професионално - додава таа.

Инаку, одбраната на докторската теза на ЛМУ е јавна и се состои од 30-минутна презентација на главните резултати од дисертацијата, 10 минути прашања од публиката и 30 минути прашања од комисијата кои се одвиваат без присуство на јавноста.



- За мене, ова беше едно многу пријатно и забавно искуство. Немав чувство дека се наоѓам на испит, туку како да имам интересна и стимулирачка дискусија за истражувањето на кое посветив 4 години, со светски реномирани експерти од различни гранки на биологијата. Мојот омилен дел од секоја одбрана на докторати е германската традиција на декорирање на капата од страна на колегите со предмети и изработки што се поврзани со вашето хоби, тема на истражување, карактер итн. На креативноста обично ѝ нема граници – раскажува Ана.

Ќе работи како научник во приватниот сектор

Таа планира да ја примени својата експертиза од областа на епигенетиката во молекуларната дијагностика.

- Докторатот апсолутно ми отвори многу можности за професионален развој бидејќи ме изваја во научник со широк сет на технички и професионални вештини кои сметам дека се најважните алатки за кариерен развој - вели Ана.

Засега останува да работи во странство, но остава иднината да ја изненади, па не ја исклучува можност да се врати во Македонија.



Откако стана доктор на науки на 27 години, ја прашавме дали ѝ е важно редовно покрај името да ја пишува и титулата д-р?

- Зависи од контекстот. Доколку е формален или професионален контекст каде што е соодветно да се користи титулата, тогаш би ми било важно, меѓутоа, не би ја користела во приватниот живот или на места каде што не е неопходно - вели Ана.

Фото: приватна архива

Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или од платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само на првата третина од текстот, со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица. Факултети.мк ги почитува професионалните/етичките стандарди, Кодексот на новинарите и Принципите на Меѓународната федерација на новинарите