Имате куче во Германија? Може да добиете казна до 10.000 евра ако не почитувате одредени правила

Имате куче во Германија? Може да добиете казна до 10.000 евра ако не почитувате одредени правила

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Љубовта кон кучињата не е доволна. Сопственикот на куче во Германија мора да има и значителна финансиска подготвеност. Според законот, оној што чува куче во Германија не е должен само правилно да го храни и негува својот миленик, туку и да го пријави и да плаќа данок за кучиња.

Исто така, сопственикот мора да се погрижи кучето да носи идентификациска марка на ремчето. Без неа работите може да станат скапи.

Важен детаљ на ремчето: Што е идентификациска марка?

Идентификациската марка е официјален доказ дека кучето е пријавено во надлежната служба и дека данокот е платен. Таа се издава по пријавувањето и обично содржи единствен регистарски број. Марката не е моден додаток или украс, таа е законска обврска секогаш кога кучето е надвор.

Правила за кучешката марка:

- Содржи регистрациски број;
- Претставува доказ за пријавување на кучето во надлежната служба;
- Служи за идентификација;
- Во многу германски градови и општини е задолжителна штом кучето е надвор;
- Предвидена е казна ако не е прицврстена на ремчето;
- Не може да се замени со приватна марка со телефонски број.

Дали секој сопственик мора да плаќа данок за куче?


Според податоците на Министерството за финансии, данокот за кучиња е локален данок поврзан со чувањето кучиња кој го наплатуваат градовите и општините. Тоа значи дека секоја општина или град самостојно одлучува дали ќе воведе ваков данок и колкава ќе биде неговата висина. Не постои единствен сојузен закон за данок на кучиња.

Во многу германски градови и општини важи правилото: штом кучето е надвор од куќата или дворот, мора да носи марка видливо прицврстена на ремчето. Ова овозможува изгубените животни брзо да се идентификуваат и да се вратат кај сопственикот.

Казна до 10.000 евра ако кучето нема идентификациска марка


Оние што не ја сфаќаат сериозно обврската за носење марка, ризикуваат високи казни: теоретски е можно да се изрече парична казна до 10.000 евра доколку кучето биде затекнато без марка.

Оваа максимална казна ретко се изрекува во целосен износ и најчесто се применува кога кучето воопшто не е пријавено, што претставува затајување данок.

За обично заборавање или неприцврстување на марката, казните обично се значително пониски, најчесто меѓу 10 и 50 евра.

Ова се смета за административен прекршок. Високите казни до 10.000 евра им служат на општините како законско средство за притисок при спроведување на даночните правила.

Извор: Nezavisne.com
Фото: Freepik